Доналд Трамп ја порази Камала Харис во колебливата сојузна држава Северна Каролина и создаде значителна предност на претседателските избори во САД. Трамп досега има освоено 246 електорски гласови и му требаат уште 24 за да го потврди своето враќање во Белата куќа, додека Харис е на 182 според едни, односно на 210 гласови според други проекции.
Се чекаат резултатите од уште 13 сојузни држави. Според досегашните нецелосни резултати, за Трамп гласале над 63 милиони луѓе (51,2%), додека Харис има освоено 58,2 милиони гласови (47,2%).
Неизвесен е исходот во останатите шест колебливи држави, кои би можеле да го решат победникот на изборите. Проекциите велат дека Трамп би можел да победи и во Џорџија, што би го стеснило патот на Харис кон победата.
Во исто време се одржуваа изборите за Конгресот и Републиканците го освоија мнозинството во Сенатот откако триумфираа во Западна Вирџинија и Охајо, чии места досега ги држеа Демократите. Ниедна партија засега не е блиску до преземањето на контролата во Претставничкиот дом.