Мајката на фолк-пејачот Наум Петрески, Анастасија, на 81 година сними дует со својата снаа Зуица Лазова, пејачка и професорка по хармоника во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“. Лазова сношти промовираше пет песни и го прослави својот 50. роденден. Дел од проектот „5 за 50“ е и песната со Анастасија Петреска, „Ќе ти купам свилен фустан бре Зуице“.
Мајката на Наум Петрески се расплака додека ја пееше песната со снаата, пред семејството и пријателите на промоцијата.
„Би сакала сите да сте живи и здрави и да ги доживеете моите години. Не само 81, туку и повеќе“, рече Петреска.
Таа пее народни песни цел живот, но многу ретко јавно, а присутните кои досега не ја слушнале коментираа дека има убав глас.
„Мојата мајка почина рано, но оваа жена ми е како мајка и се грижи за сите нас. Мама Анастасија, покрај тоа што го чува своето чедо Наум, ме чува и мене. Затоа решив да снимам песни со целото семејство, а секако и со мојата мајче. Ова ѝ беше ветено од лани, за нејзиниот роденден“, рече Зуица Лазова.
Со ќерката Македонка Петреска, која наскоро ќе дипломира соло пеење на Факултетот за музичка уметност во класата на Весна Ѓиновска-Илкова, Лазова испеа преработка на песната „Симпатија“ од хрватската група „Магазин“. Пред 30 години оваа песна беше регионален хит откако Данијела Мартиновиќ и „Магазин“ ја снимија со хрватска оперска пејачка Марија Бубиќ, а сега Зуица Лазова ја преработи со својата ќерка, идна оперска пејачка. Со сопругот Наум Петрески, кој ѝ подари цвеќе за роденденот, и со синот Стефан, Лазова ја испеа „Даме од Македонија“. Синот на познатите фолк-пејачи е исто така музичар, тој е втора година во средното музичко училиште.
„Во последнава од петте песни ѝ се враќам на мојата прва љубов, хармониката“, кажа Лазова за песната „Мојата хармоника“, на која свири и пее.
Сите песни се оригинални и во духот на македонската народна музика. Првата песна која таа самата ја пее се вика „Реканска“. Автори се Илија Јаневски, нејзиниот колега од музичкото училиште, Соња Дојчиновска, која ја водеше промоцијата и Љупчо Соколовски.
М. ЏАРОВСКА