Специјалното обвинителство планира постепено да ги затвори кривичните случаи против Доналд Трамп пред тој да се врати на функцијата, бидејќи неговата убедлива победа против Камала Харис значи дека тие нема да стигнат до судење.
Овој потег ја одразува реалноста дека случаите нема да бидат довршени до денот на инаугурацијата во јануари. Откако Трамп ќе се врати во Белата куќа, на специјалното обвинителство ќе му биде забрането да спроведува натамошни кривични дејства според политиката на министерството за правда.
Во министерството долго беа свесни дека ако Трамп победи на изборите, кривичните случаи против него ќе бидат завршени зашто јавниот обвинител назначен од Трамп ќе ги отфрли случаите. Трамп најави дека на првиот ден на функцијата ќе го смени специјалниот обвинител Џек Смит.
Министерството за правда и натаму размислува како да ги затвори случаите, кои се во различни фази и сложени.
Трамп ја почна својата кампања во 2022 откако специјалното обвинителство најави истрага за случајот со задржување доверливи документи во неговата резиденција во Флорида. Во текот на кампањата Трамп често повторуваше дека се кандидира за да се избори за својата слобода, истакнувајќи дека обвиненијата против него ќе исчезнат само ако повторно биде избран за претседател.