На 20 декември во Кинотеката ќе има премиера на дигитално реставрираната копија на филмот „Мис Стон“ од 1958, во режија на Жика Митровиќ, а следната година следи дигитална реставрација на играниот филм „Македонска крвава свадба“ на Трајче Попов, најави денеска в. д. директорот Бошко Грујоски.
Грујоски кажа дека во 2025 ќе се направи дигитална реставрација на наслови од „златното време“ на македонскиот анимиран филм, на филмови од 1970-тите и 1980-тите.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков при денешната посета на Кинотеката кажа дека македонското аудиовизуелно наследство е многу значајно, но значајно е и да се одржува и да има средства за тоа.
„Изминатите седум години, токму оваа институција, која е најстара институција задолжена за чување на аудиовизуелното наследство, имаше намален буџет за речиси 50-60 проценти во споредба со периодот пред 2017, што ја покажува и недоволната посветеност на претходното раководство за грижата кон филмското наследство“, рече Љутков, најавувајќи зголемување на буџетот за оваа национална установа.
Според Грујоски, на дигитализација во Кинотеката работат три лица и затоа годишно можат да се завршат 2-3 играни филма и над 15 кратки филмови.
Љутков кажа дека изминативе три месеци е расчистен просторот пред депоата во Хавзи-пашините конаци, каде што се чува фондот од светската продукција на 35-милиметарски филмови, со што се зголеми безбедноста на објектот и направен е непречен пристап до него.
„Направена е интервенција на водоводната мрежа во Хавзи-пашините конаци и се презедоа мерки за санација на проблемот за да се спречи поголема штета“, рече министерот.
Б. НЕСТОРОСКА