Австралиската влада објави дека прва во светот ќе воведе закон со кој на децата под 16 години ќе им биде забрането да ги користат социјалните мрежи.
Премиерот Ентони Албаниз кажа дека парламентот следната недела ќе расправа за законот, чија цел е да се ублажи штетата што социјалните мрежи им ја нанесуваат на децата во Австралија.
„Ова е за сите мајки и татковци. Тие, како и јас, се многу загрижени за безбедноста на нашите деца на интернет. Сакам австралиските семејства да знаат дека владата ги штити“, изјави Албаниз.
Иако за многу детали допрва треба да се дискутира, владата појасни дека забраната нема да се однесува на оние млади кои веќе се присутни на социјалните мрежи. Нема да има исклучоци за старосната граница за децата кои имаат согласност од нивните родители да користат социјални мрежи. Владата вели дека товарот ќе биде на платформите на социјалните медиуми да покажат дека преземаат разумни чекори за да го спречат пристапот.
Албаниз кажа дека нема да има казни за корисниците и дека законот ќе треба да го спроведе австралискиот регулатор за интернет.
Законот ќе стапи на сила 12 месеци по усвојувањето.