Изјавата на кандидатката за нов еврокомесар за проширување, Словенката Марта Кос, е дадена за потребите на нејзиниот избор на оваа функција, кажа премиерот Христијан Мицкоски при посетата на Велес по повод 9 ноември, Денот на ослободувањето на градот. Кос пред неколку дена изјави дека од Македонија се очекуваат уставни изјави, ништо повеќе, ништо помалку.
„Ја разбирам еврокомесарката. Со нејзината изјава таа требаше да го помине сослушувањето, на кое требаше да гласат и европратениците од нашиот источен сосед. Изјавата е во рамките на таа димензија. Низ таа оптика, таа ги гледаше тие пораки, и јас така ги гледам. Убеден сум дека во периодот кој следи, во заеднички разговори, конечно по две и пол децении, патот на Македонија до полноправно членство во ЕУ ќе биде широко отворен и ќе се вреднува врз основа на постигнувањата и компетенциите, а не според билатералните прашања. Мојот оптимизам го темелам врз сите мои средби кои ги имав за овие пет месеци откако сме влада. За овој период се сретнавме со сите релевантни светски лидери, што не беше возможно во ниту еден претходен мандат“, кажа премиерот Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.
Кос на сослушувањето во Европскиот парламент во Брисел рече дека ако се направат уставните измени, земјата ќе продолжи напред без дополнителни услови.
„Она што е прифатено, треба да биде исполнето. Тоа е предуслов и на тоа ќе работиме со Северна Македонија. Очекуваме земјата-кандидатка Северна Македонија да го промени Уставот, како што беше ветено. Ништо повеќе и ништо помалку“, кажа Марта Кос на сослушувањето за потврдување на нејзината кандидатура.
Според информациите на државната телевизија на Словенија, Кос добила поддршка од 59 од 79 членови на Комисијата за надворешни работи, а за потврда ѝ биле потребни 51.
П. ПЕЧКОВ