Огромен број луѓе излегоа на улиците на Валенсија за да протестираат против начинот на кој власта се справува со неодамнешните смртоносни поплави, при што бараа оставка од регионалниот лидер Карлос Масон.
Од владата кажаа дека повеќе од 130.000 луѓе се придружиле на протестот, при што се извикуваше „ние сме извалкани со кал, вие сте извалкани со крв“. Демонстрантите ги обвинија локалните власти дека предоцна издале предупредувања за поплава. На протестот беше оштетена зградата на градското собрание на Валенсија, која беше гаѓана и со кал.
Повеќе од 200 луѓе загинаа во поплавите предизвикани од поројните дождови што ги погодија Валенсија и соседните региони, а уште 80 луѓе се водат како исчезнати.
Минатата недела, кралот и кралицата на Шпанија беа гаѓани со кал и разни предмети при нивната посета на градот Пајпорта, еден од најтешко погодените. Предмети беа фрлани и кон шпанскиот премиер Педро Санчес.
Илјадници луѓе ги изгубија своите домови, а улиците во многу области и натаму се покриени со кал. Регионалниот претседател Масон ги бранеше своите постапки, велејќи дека не добиле доволно предупредувања од централната влада.
Шпанската метеоролошка служба издаде предупредување за невреме за регионот Валенсија на 25 октомври, но локалните власти ги известиле граѓаните на нивните мобилни телефони дури неколку часа откако поплавите почнаа.