ВАЖНО Е ЛЕКАРОТ ДА СОЧУВСТВУВА СО ПАЦИЕНТОТ, КАЖА АНЕСТЕЗИОЛОГОТ ЈОРДАН НОЈКОВ, КОЈ ЈА ДОБИ ВЕЛЕШКАТА НАГРАДА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО „ГЕМИЏИИ“

    ВАЖНО Е ЛЕКАРОТ ДА СОЧУВСТВУВА СО ПАЦИЕНТОТ, КАЖА АНЕСТЕЗИОЛОГОТ ЈОРДАН НОЈКОВ, КОЈ ЈА ДОБИ ВЕЛЕШКАТА НАГРАДА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО „ГЕМИЏИИ“Нојков (десно) во неговата лекарска кариера имал меѓу 25.000 и 30.000 операции (Фото: СДК.МК)

    Анестезиологот д-р Јордан Нојков ја доби највисоката општинска награда на Велес „Гемиџии“, која се доделува за животно дело. Тој со своите вложен труд, професионалност, човечност и однос кон пациентите остана запаметен како врвен стручњак, но и голем човек и хуманист. При врачувањето на признанието Нојков беше најавен како „велешка гордост“.

    Почитувани сограѓани, јас гордо се чувстувам како велешанец, иако половина живот минав во Скопје. Често сум во родниот град, каде имам многу пријатели, познаници и спомени од младоста и од почетоците на работната кариера. Ова признание ми годи оти е од моите сограѓани. Најмногу ме радува кога луѓето ме сретнуваат на улица, ми приоѓаат и се заблагодаруваат. Ме прашуват дали се сеќавам кога ги оперирале, оти јас сум бил анестезиологот. Важно е да се има емпатија кон пациентот, болниот, послабиот, кон тој што има проблеми. Докторот мора да знае дека односот кон пациентот не е рамноправен. Тој треба да сочувствува со него и да му помогне. Тој однос кон пациентите доведе до ова признание, до тоа луѓето да ме помнат“, кажа д-р Нојков, кој во неговата лекарска кариера имал меѓу 25.000 и 30.000 операции.

    Роден е во Велес во 1947. Завршил Медицински факлутет во 1972 со просечна оценка 9,76, со што бил првенец на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Специјализирал анестезиологија во 1981 и докторирал во 1991 година. Во Велешката болница работел до 1985, кога заминал на Клиниката за ортопедија во Скопје и таму останал до пензионирањето во 2012. Бил професор на Медицинскиот факултет во Скопје и на Медицинскиот факултет во Штип. Работел како анестезиолог и во Либија и Катар и член е на Светската асоцијација на анестезиолози.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира