ГРАДОВИТЕ ОД ИСТОКОТ СЕ ГУШАТ ВО СМЕТ, КОЧАНСКИТЕ АКТИВИСТИ ТРИ НЕДЕЛИ ПРОТЕСТИРААТ ПРОТИВ НОСЕЊЕТО НА ЃУБРЕТО ОД ДРУГИТЕ ОПШТИНИ ВО НИВНАТА ДЕПОНИЈА

    ГРАДОВИТЕ ОД ИСТОКОТ СЕ ГУШАТ ВО СМЕТ, КОЧАНСКИТЕ АКТИВИСТИ ТРИ НЕДЕЛИ ПРОТЕСТИРААТ ПРОТИВ НОСЕЊЕТО НА ЃУБРЕТО ОД ДРУГИТЕ ОПШТИНИ ВО НИВНАТА ДЕПОНИЈАКочанските активисти протестираат и го спречуваат носењето на сметот од соседните општини во кочанската депонија (Фото: СДК.МК)

    Веќе трета недела кочанските активисти протестираат и го спречуваат носењето на сметот од соседните општини во кочанската депонија кај селото Бели која досега беше прифатен центар за Виница, Оризари и Чешиново-Облешево. Оваа недела почнаа да ги пропуштаат само возилата на кочанското јавно претпријатие.

    „Со цел да го заштитиме здравјето на граѓаните од Кочани, посебно на жителите од селото Бели во чија близина е кочанската депонија, доносвме ваков став со граѓански протест и блокада да не се пропуштаат возилата со смет и од други општини. Одлучивме да го решаваме овој важен еколошки проблем на граѓаните на Кочани затоа што селото Бели веќе е поврзано со Кочани и чадот брзо си шири и го покрива целиот град“, велат граѓанските активисти. Тие очекуваат в среда Советот на Општина Кочани да донесе одлука со која ќе го прифати нивното барање и да го поддржи нивниот став. По одлуката ќе бидат утврдени наредните активности.

    Проблемот со депониите се продлабочува и во останатите општини во Источна Македонија. Според планот Пехчево треба да биде прифатен центар и за Берово, Делчево и Македонска Каменица, Штип на Карбинци, а Пробиштип како најблиску до Свети Николе  да одржува посебна депонија, која е најблиска до локацијата на планираната регионална депонија.

    Се смета дека ваквата состојба и случајот со депонијата во Кочани ќе предизвика активирање на старите диви депонии затоа што општините почнаа да се гушат во смет. Сега нема каде да се носи ѓубрето, па контејнерите во градовите и селата се полни. Советот на Општина Виница веќе одлучил сметот да се носи на локација меѓу селата Блатец, Пеклани и Драгобраште. И останатите општини сметаат дека ќе има нови блокади ако се донесе одлука за повторно активирање на старите затворени депонии.

    Градоначалниците на општините во Источна Македонија веќе не сакаат да разговараат за депониите.

    Градоначалникот на Општина Оризари во телефонски разговор ни рече дека не сака да зборува.

    Градоналникот на Кочани кратко кажа дека нема промени со блокадата на кочанската депонија.

    Градоначалниците на останатите општини на истокот се недостапни, најверојатно затоа што и самите не знаат што да прават со илјадниците тони отпад што секојдневно се натрупуваат во локалните контејнери.

    Зуица Ангелова од Центарот за развој на Источниот плански регион (ИПР) вели дека немаат никакви ингеренции со  новонастанатата состојба со депонииите. Тие даваат само техничка и адиминистративна поддршка околу реализацијата на стратешките планови и проектите околу изградбата на регионалната депонија како дел од стратегијата во сите плански региони во државата преку Европските програми за помош на руралните општини до 2027, за да се формира по една регионална депонија.

    Министерот за транспорт и врски Александар Николовски при последната посета на регионот што ја имаше викендов најави дека Владата и Министерството за транспорт и врски ќе одредат конкретна помош за решавање на проблемот со депонијата во Кочани, а тоа значи дека генерално ќе се решава и целосниот проблем со регионалните депонии.

    Депонијата кај кочанското селото Бели досега беше прифатен центар за сметот од Виница, Оризари и Чешиново-Облешево (Фото: СДК.МК)

    Според најновите измени и дополнувања на стратегискиот план, прифатен центар на сметот од Општина Кратово треба да биде Пробиштгип, а Свети Николе да биде прифатен центар и на ѓубрето од Кумановско, односно од Североисточниот регион. Во близина на планираната регионална депонија и сега има диви депонии што ги користи Свети Николе, а една од нив е во непосредна близина на браната Мавровица. Мечкуевци е на малку поодалечена локација од оваа акумулација каде се планира современ капацитет за селекција и рециклирање на отпад, негова преработка и искористување за обвновливи извори на енергија.

    Регионалната депонија кај селото Мечкуевци во Општина Свети Николе е актуелна повеќе од една деценија кога претходно неколку општини од регионот одбија кај нив да има еден таков регионален капацитет. И претходните раководства на Општина Свети Николе не сакаа во нивната Општина да има регионална депонија. После оваа реакција на Свети Николе, на предлог на ЗЕЛС Владата ѝ ги одзеде ингеренциите на Општината по ова прашање.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира