Партијата на зелените, која е дел од владејачката коалиција во Германија, исто така го повика канцеларот Олаф Шолц што побрзо да свика гласање за доверба на владата во парламентот, што би довело и до предвремени избори. Опозициските конзервативци, кои водат во националните анкети, минатата недела побараа од Шолц да се изјасни по ова прашање.
Шолц во прв момент најави дека гласањето за доверба ќе се одржи на 15 јануари, со цел да има вонредни избори во март.
Владејачката коалиција практички се распадна откако Шолц го смени министерот за финансии Линднер, со што од владата излезе вториот партнер на Социјалдемократите, Слободни демократи.
„Очекуваме Шолц да донесе одлука оваа недела“, изјави копретседателката на Зелените, Рикарда Ланг.
За да се изгласа буџетот за 2025, владејачката коалиција сега мора да се потшре на опозициските партии. Доколку не се донесе нов буџет, владата ќе може да ги подмири долговите и обврските што веќе ги има, како платите на државните службеници, но нема да може да преземе нови обврски. Пратениците денеска го откажаа планираниот состанок за планирање на буџетот, што значи дека има многу мали шанси за негово усвојување.
Конзервативците велат дека Шолц ги одложува изборите со надеж дека ќе извојува некои политички победи во следните недели. Шолц вчера најави дека би можел да побара од парламентот да го разреши пред Божиќ.