Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го осудува непрофесионалното и недолично однесување на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, кој денеска ја попречуваше новинарката САКАМДАКАЖАМ.МК, Соња Делевска, додека ја вршела нејзината професионална работа во Собранието, соопшти ЗНМ.
„Ги повикуваме сите политички претставници да покажат соодветно ниво на почит и конструктивен однос кон медиумите и нивните претставници, да одговараат редовно на нивните прашања, и да се воздржат од какви било форми на притисок и клевети. Потсетуваме дека слободата на медиумите и правото на новинарите да поставуваат прашања се основни принципи на демократското општество. Секој обид за попречување, заплашување или дискредитација на новинарите претставува директен напад врз слободата на изразување и транспарентноста на институциите. ЗНМ ќе продолжи будно да ја следи состојбата со правата на медиумските работници и да се залага за заштита на професионалните новинарски стандарди“, се вели во соопштението.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки денеска во Собранието попречуваше новинари да земат изјава од директорот на АНБ Бојан Христовски и упати груба клевета дека додека зборува со Христовски, новинарка тајно го снима.