ПРИЈАТЕЛИ НА ПАЛЧО СВЕДОЧЕА ДЕКА ВО НЕГОВАТА СПАЛНА СОБА ВИДЕЛЕ ЦРН ПИШТОЛ ВО ФУТРОЛА И РАДИОСТАНИЦИ ЗА КОМУНИКАЦИЈА

    ПРИЈАТЕЛИ НА ПАЛЧО СВЕДОЧЕА ДЕКА ВО НЕГОВАТА СПАЛНА СОБА ВИДЕЛЕ ЦРН ПИШТОЛ ВО ФУТРОЛА И РАДИОСТАНИЦИ ЗА КОМУНИКАЦИЈАБратучедка на мајката на Вања сведочеше дека таткото Александар и рекол да му прати порака на Илон Маск да ја бара Вања. - Првообвинетиот Љупчо Палевски (Фото: СДК.МК)

    Судењето против Љупчо Палевски, Влатко Кешишев, Велибор Манев, Боре Видевски и Александар Ѓорчевски, за киднапирањето и свирепо убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, продолжи денеска со распит на сведоци предложени од обвинителството.

    Маја Спировска, прва братучетка на мајката на Вања, сведочеше дека дента братучетката ѝ се јавила и кажала дека Вања ја нема.

    „Дента не отидов кај братучетка ми, ја барав по кафичите низ Дебар Маало. Вториот ден, во вторникот, гледавме снимки. Сашко ги донесе. Ја немаше никаде на снимките и така констатиравме дека е грабната од пред врата“, сведочеше Спировска.

    Таа кажа дека таткото на Вања, обвинетиот Александар Ѓорчевски, правел влези-излези, бил вознемирен.

    „Едно време ми рече на Илон Маск да му пратам порака, да ја најде. Ми беше чудно, како јас да го контактирам Маск“, рече таа.

    Кажа не го видела Александар од 2018 година и не зборела со него многу кога отишла кај нив. Но, од родителите на децата што учеа со Вања, дознала дека им пратил порака за откуп: „Вратете го детето, ќе ви дадам пари“.

    „Јас ги видов пораките само како ‘дилитед’, избришани. За текстот ми кажаа родителите од вибер групата од класот на Вања“, кажа сведокот.

    По неа, Лита Ќириќ, сопственичка на возилото „рено кангу” кое што било користено при киднапирањата и убиствата, кажа дека му го позајмила на Палевски за селење на штабот на неговата партија „Десна“.

    Сопругот Ѓорѓи Џолев (следниот сведок) ѝ кажал дека ќе го дадат на користење, онака, без полномошно. Тој бил член на партијата на Палчо,  „Десна“.

    Сведокот кажа дека “реното” му го дал на Палевски во септември 2023 година. Го донел од Исланд уште во 2009 година.

    „Немаше кој да го одржува. Го понудив возилото за селење на партијата. Сум претседател на ЦК на партијата. Претседател сум и на движењето ‘Трета политика’. Со Палевски се познавам од 2017, со Велибор од 2020, а Кешишев го знам од 2022. Со Боре се запознав 2023 година. Бев и дел од процесот ‘Бојкотирам’. Јас живеев малку во Исланд, малку тука. Со Палевски комуницирав преку вибер и телеграм”, одговараше тој на повеќе прашања.

    Кажа дека Палевски му бил пријател. Во моментот на претрес на партијата и на возилото, бил во полициска станица.

    Панче беше убиен на 22 ноември, а Вања со неговото возило грабната и веднаш убиена, на 27 ноември 2023 година.

    „Бев на 30 ноември во партијата. Таму беше Влатко Кешишев. Го прашав каде е Палчо, ми кажа отишол на лекар“, одговори сведокот.

    На прашање на обвинителката, тој одговори дека видел пиштол во собата на Палевски.

    „Видов пиштол еднаш во партијата. Кога беше штабот во Кисела Вода, кај Шампионче. Таму го видов, во просторијата кај што спиеше Палчо долу на под, во вреќа за спиење. Пиштолот беше темен, во темна футрола. Не прашав чиј е, претпоставував дека беше на Палевски”, одговараше на повеќе прашања сопственикот на „кангуто“.

    „Донирав пари за партијата, но плаќав и сметки за струја, кирија, купував опрема, камери, микрофони. И други луѓе го правеа тоа, бидејќи не стасуваа парите од членарината. Најблиски со Палевски беа Влатко Кешишев и Велибор Манев, оти тие имаа некаков поданички однос. Кога ќе им викнеше Палевски на висок тон, тие не реагираа. Личеше како да му се умилкуваат”, опишуваше сведокот Џолев.

    На втори декември била закажана седница на ЦК на партијата.

    „Адвокатот Васко ми кажа дека го однел на лекар. Јас бев тој што организира. Централниот комитет се одржува и без претседателот на партијата. Палевски ми пиша на телеграм дека ако заврши работа со кичмата, ќе дојде”, рече сведокот.

    Потоа му беа упатени уште прашања од обвинителките.

    „Дента кога исчезна девојче, јас тоа го споделив на Фејсбук. Во полиција дознав за Вања. А кога беше најдено телото на девојчето, бев во кафичот ‘Дион’ во Аеродром. Потоа изгубивме контакт со Палевски. Го немаше никаде”, кажа Џолев.

    Тој одма му се јавил на Палевски кога го викнале во полиција.

    „Откако ме повикаа во полициска станица, имав комуникација со Палевски, на Телеграм. Му кажав дека сопругата ми е во станица и оти и јас сум повикан. Му кажав дека од крвни деликти сме повикани, нешто во врска со возилото. Зборевме кратко, требаше да влезам во полиција. Не го прашав каде е”, кажа тој.

    За пиштолот, појасни дека го видел летото 2023 година.

    Потоа Палевски го праша: „Поседував пиштол. Имав дозвола? “.

    „Мислам дека имавте“, се присети сведокот кој претходно кажа дека видел пиштол во собата кај што спиел Палевски, во Кисела Вода.

    „Дали во полиција го спомнаа моето име?”, праша Палевски.

    „Да, ме прашуваа дали сме сакале да ја дестабилизираме земјата, што сме работеле”, му одговори сведокот.

    „Дали се сеќавате дека на 22 среда, се одржа дебата: ‘Крш дебата’?”, праша Палевски за денот на убиството на Панче Жежовски.

    „Да“, одговори сведокот.

    „Дали ме прашавте каде е комбето?“, праша првообвинетиот.

    „Кажавте Велибор го однел на мајстор, тропале вратите“, одговори сведокот.

    Потоа сведочеше и Кирил Тренчовски, симпатизер на партијата на Палевски, кој рече дека додека штабот бил во Кисела Вода, видел пиштол во просторијата кај што спиел Палевски.

    Таму видел и радиостаници, односно воки-токи.

    Обвинителството тврди дека грабнувањата и свирепите убиства Палевски, Кешишев, Видевски и Манев ги организирале преку радиостаници.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира