ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ БАРААТ ПОМОШ ОД СЕДУМ ДЕНАРИ ПО КИЛОГРАМ ЗА ОТКУПЕН СОНЧОГЛЕД, ОТИ ПОРАДИ СУШАТА ИМА МАЛ РОД И НЕ МОЖЕ ДА СЕ ИСПОЛНИ УСЛОВОТ ЗА СУБВЕНЦИИ

    ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ БАРААТ ПОМОШ ОД СЕДУМ ДЕНАРИ ПО КИЛОГРАМ ЗА ОТКУПЕН СОНЧОГЛЕД, ОТИ ПОРАДИ СУШАТА ИМА МАЛ РОД И НЕ МОЖЕ ДА СЕ ИСПОЛНИ УСЛОВОТ ЗА СУБВЕНЦИИЗемјоделците го соопштија барањето во Велес, каде во фабриката Маслодајна го предадоа целокупниот род за преработка во масло за јадење. (Фото: СДК.МК)

    Дополнителни седум денари за килограм бараат земјоделците кои одгледуват сончоглед. Оваа индустриска култура има стратешка важност поради тоа што од неа се добива маслото за јадење. Поради годинашните лоши временски услови и сушата летово која го преполови родот, земјоделците бараат обесштетување од Владата и од Министерството за земјоделие. Барањето го соопштија во Велес, каде во фабриката Маслодајна го предадоа целокупниот род за преработка во масло за јадење.

    „Бараме седум денари плус од предаден килограм сончоглед, бидејќи немаше добар принос поради сушата, четири месеци капка не падна. Родот беше катастрофа, на 115 хектари добив по 800 кила род по хектар. Лани, за споредба, од хектар добив по 1,8 тони род. Сега се премислуваме со колегите дали догодина да сееме сончоглед ако државата не помогне годинава. Ако не дадат помош, нема да посееме“, вели Митхат Исмаиловски, земјодолец од Пелагонија.

    Во годините кога имаше слаб род, сончоглед се увзезуваше од Србија, Бугарија или Украина.

    Годинашнава откупна цена е 24,5 денари, наспроти ланската 20,6, но мало е количеството на откупен род од Пелагониските полиња. Дел од родот на сончогледот од Пелагонија заврши во Грција, бидејќи таму откупната цена е 27 денари за килограм, па откупувачите го купувале во Македонија по 22 денари за кило, плус трошоци за транспорт и го пласирале на грчкиот пазар.

    „Бараме како и лани, така и годинава, поради елементарна непогода, суша, да ни се одобрат дополнителни седум-осум денари помош за откупен килограм. Tака би ги покриле и трошоците за работењето. Годинава беше катастрофална, па не можеме да го извадиме цензусот 1,5 тон по хектар за да добиеме субвенции. Затоа бараме да се намали цензусот на половина, или нека нема цензус. Единствена добра работа е што Маслодајна навреме ни го плаќа сончогледот и има реална откупна цена, за разлика од откупувачите на пченицата и јачменот. Некои колеги не можеа сончогледот да го ожнеат, комбајнот не можеше да го фати, толку беше сув. Ние земјоделците не можеме да се организираме, да направиме штрајк, кој е на нива, кој со стока. Даскалите се организираат, нема да учат децата, ќе бараат пари и ќе им дадат, одма платите им се качуваат“, кажа Тоде Лазевски, земјоделец од Могила.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира