МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ МУ ГИ ОДЗЕДЕ ИНГЕРЕНЦИИТЕ НА МЕРКО ЗА ДВЕ ШКОЛИ ВО ДРАСЛАЈЦА И ПОДГОРЦИ

    МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ МУ ГИ ОДЗЕДЕ ИНГЕРЕНЦИИТЕ НА МЕРКО ЗА ДВЕ ШКОЛИ ВО ДРАСЛАЈЦА И ПОДГОРЦИСтрушкиот градоначалник Рамиз Мерко на судење за незаконско поставување на директори во основни училишта. (Фото: СДК.МК)

    За две основни училишта во Струга одземени се ингеренциите на градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, велат од Министерството за образование и наука (МОН) за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    „Одземени се ингеренциите на Мерко на училиштата ‘Св. Климент Охридски’ во Драслајца и ‘Гоце Делчев’ во Подгорци, по основ на нереализирани обврски кои произлегуваат од закон – ненавремено објавување огласи за избор на директори и именување на директори кои не ги исполнуваат условите за вршење на должноста. Во двете училишта поставени се нови в. д. директори“, ни рекоа од МОН.

    На нашето прашање дали има процедура за одземање на ингеренциите на други школи, оттаму велат дека надзори се спроведуваат во повеќе училишта, но постапките се во тек.

    Во Основниот суд во Струга се водат две судски постапки против струшкиот градоначалник, за незаконско поставување на директори во основни училишта. Едната постапка е за трите предмети кои се споени, за Подгорци, Лабуништа и Основното училиште (ОУ) „Браќа Миладиновци“ во Струга, а другата за училиштето во Велешта каде има повеќе обвинети кои се товарат за „Несовесно работење во службата“, а дел од нив се гонат и за кривичното дело „Фалсификување исправи“.

    Основното јавно обвинителство Струга го товари струшкиот градоначалник за несовесно работење.

    Според обвинението, Мерко како службено лице – градоначалник на општината Струга, на 31 јануари 2022 , при именувањето на вршител на должност – директор на општинско основно училиште во селото Лабуништа, назначил лице кое не било од редот на вработените, како што е предвидено во Законот за основно образование, и назначената немала соодветно работно искуство во воспитно-образовна работа. Со тоа Мерко овозможил лицето да биде именувано на функцијата и да ѝ се исплаќа плата како в. д. директор 19 месеци, со што на училиштето му била нанесена штета во вкупен износ на неосновано исплатените плати и придонеси.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира