Град Скопје не дава дозвола да се гради уште еден монтажен паркинг во населбата Капиштец. Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски вчера на брифинг со новинарите се пожали дека градоначалничката Данела Арсовска кочи неколку проекти кои се клучни се граѓаните.
„Од страна на Градот капитални проекти ни се кочат, за коишто се направени проекти, ставени се во програмата, одвоени се буџетски средства, а добиваме негативни мислења од страна на Градот. Конкретно, еден од тие проекти е монтажната гаража во Капиштец, проект кој досега требаше да се реализира, но за жал, по третпат добивам негативен коментар од Градот и не можеме да го релизираме. Причината е отпочнување на реализација на булевар Македонија, оној познат булевар кој се збори децении наназад, кој почнува од ‘Лимак‘ па оди сѐ до Карпош. Тука станува збор за булевар кој треба да има една голема експропријација, каде има голем број на ресторани, кафеани, но и на паркинзи“, рече Герасимовски.
Општина Центар веќе неколку години најавува изградба на монтажен паркинг во Капиштец. Според проектот, ќе има 294 паркинг места и со тоа значително ќе се придонесе кон решавање на проблемот со паркирањето во овој дел од општината.
А. АНТЕВСКА