Вработен во Министерството за внатрешни работи (МВР) во Одделението за следење на камерите од „Безбеден град“, денеска сведочеше дека Љупчо Палевски-Палчо, првообвинет за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, е забележан на камерите утрото на 27 ноември 2023 како управува со возило „рено канго”. Сведокот кажа дека од началниците на СВР Скопје на 27 ноември околу пладне добиле наредба да го бараат возилото на камерите, бидејќи тоа возило е поврзано со запалениот „цитроен“ со кој беше грабната 14-годишната Вања Ѓорчевска.
„’Цитроенот’ е забележан утрото на 27 ноември дека се паркира пред зградата на убиеното девојче. Потоа тоа се движи по Партизанска, Рузвелтова и Орце Николов и се упатува кон ‘Александар палас’. Од таму немаме снимки, бидејќи камерите не работеа оти беше исклучена струјата заради изградба на клучката кај Момин Поток. Потоа, од началниците добивме насока да го бараме на камерите возилот ‘рено канго’ поради поврзаност со запалениот ‘цитроен’. Го забалежавме на камерите во Бутел, а на камерата кај ‘Веро’ маркетот во Чаир се забележуваат и лицата во возилото. Возачот е со седа коса и брада и личи на првообвинетиот во овој случај“, рече сведокот.
Возилото потоа преку Бит Пазар и МАНУ, се движи кон Железничката станица кон седиштето на партијата Десна, чиј претседател беше Палевски.
Вработениот во МВР кажа дека кога го следеле „цитроенот“ на снимките забележале дека истото возило пред зградата на убиената Вања било паркирано и во 24 ноември утрото, но за кратко време си оди.
Тој кажа дека утрото кога било пријавено исчезнувањето на Вања, на камерите се барало девојчето, дали некаде се движи и дали можеби е во околните кафулиња. Подоцна почнало пребарување и следењето на возилата, соодветно на информациите кои ги добивале од надлежните.
Денеска сведочеа и двајца вработени во МВР кои со возила на интервентна полиција го носеле обвинетиот Велибор Манев, кој ги однел до Велес, односно до местото и дупката каде беше закопан убиениот Панче Жежовски.
За киднапирање и свирепо убиство на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес и на Вања Ѓорчевска од Скопје, обвинети се Љупчо Палевски, Влатко Кешишев, Велибор Манев, Боре Видевски и таткото на убиената Вања, Александар Ѓорчевски.
А. АНТЕВСКА