Овации и неколку враќања на бис имаа Симон Трпчески и оркестарот на Филхармонијата на синоќешниот славенички концерт „80 години –Љубов!“. Концертот почна со светската премиера на импресивното дело „Куклици“ од македонската композиторка Ана Пандевска. По него, следеше концертот за пијано и оркестар во а-мол од Едвард Григ и монументалната Симфонија бр.1 – „Титан“ од Густав Мaлер. Диригираше шеф-диригентот на Филхармонијата, Јерухам Шаровски од Израел.
„Овој јубилеј е од исклучително значење за културата и уметноста во Македонија. Честитки и желби за најголеми успеси. Концертот е наречен љубов. Не знам дали забележавте дека ми пукна копчето. Од љубов ми пукна копчето“, рече Трпчески покажувајќи накај кошулата откако публиката го врати на бис.
Членовите на оркестарот излегуваа на сцената од различни страни од салата а публиката ги пречека на нозе (Фото: К. Попов)
Свечената церемонија почна симболично, во знакот на 80. роденден на најстарата македонска културна институција. Во фоајето на Филхармонијата настапи академскиот хор „Мирче Ацев“ со композиции од основоположниците на Филхармонијата Тодор Скаловски и Трајко Прокопиев. Хористите ги испеаја „Ленка“ од Прокопиев и „Рапсодија бр. 2“ и „Македонска хумореска“ од Скаловски. Со хорот диригира Јасмина Ѓорѓеска-Каро.
Пред почетокот на концертот, гледавме архивско видео за историјата на оркестарот кој е основан на 24 ноември во 1944, 11 дена по ослободување на Скопје. Во ново видео, беа претставени сите сегашни музичари кои свират во оркестарот. На почетокот од концертот, уметниците од оркестарот излегуваа на сцената од различни страни од салата и се поздравуваа со публиката. Досега, Филхармонијата отсвирела над 2.500 концерти, и во неа свиреле над 3.500 музичари.
Во фоајето беше поставена и изложба на фотографии кои го следат историскиот континуитет на Филхармонијата и нејзините најзначајни моменти.
М. ЏАРОВСКА