ЗДРУЖЕНИЕТО НА СУДИИ НА ЧЕЛО СО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ИВАН ЏОЛЕВ СМЕТА ДЕКА СТАВАЊЕТО СУДИЈА НА ЦРНА ЛИСТА НА САД Е УДАР НА ЧЕСТА И УГЛЕДОТ НА „ФУНКЦИОНЕРОТ НА СУДСКАТА ВЛАСТ“

    ЗДРУЖЕНИЕТО НА СУДИИ НА ЧЕЛО СО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ИВАН ЏОЛЕВ СМЕТА ДЕКА СТАВАЊЕТО СУДИЈА НА ЦРНА ЛИСТА НА САД Е УДАР НА ЧЕСТА И УГЛЕДОТ НА „ФУНКЦИОНЕРОТ НА СУДСКАТА ВЛАСТ“Здружението повикува на брзо разрешување на случајот, пред сè заради зачувување на независноста и интегритетот на судската фела во земјата. (Фото: СДК.МК)

    Здружението на судии на Република Северна Македонија, чиј претседател е претседателот на Кривичниот суд  Иван Џолев, смета дека ставањето кој било судија на црната листа на САД е сериозен удар за честа и угледот на конкретниот функционер на судската власт, откако вчера Стејт департментот ги означи поранешниот вицепремиер Артан Груби и апелацискиот судија Енвер Беџети за вмешаност во значителна корупција. Груби и Беџети јавно се означуваат за нивната вклученост во значителна корупција со прифаќање мито за нарушување на судските процеси поврзани со кривичното осудување на Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК, соопшти Стејт департментот.

    Ставањето корумпирани функционери и членови на нивни семејства на листата на непожелни граѓани во САД, нема пропратна функција за  грижење за честа и угледот на тие лица, а патем таму се зашто изгубиле чест, углед, морал, етика и легитимитет.

    „Имајќи го предвид значењето на етичкото однесување и интегритет на судиите кое треба да биде неприкосновено и во согласност, пред сè со Уставот и законите на нашата земја, но и согласно меѓународните закони и препораките на Европската унија и Соединетите Американски Држави како наши стратешки партнери, Здружението повикува на брзо разрешување на случајот, пред сè заради зачувување на независноста и интегритетот на судската фела во земјата“, се вели во соопштението на Здружението, кое се чувствува загрозено како фела од ставањето на судијата Енвер Беџети на црната листа на Стејт департментот.

    Врховниот суд, пак, ги поздравува заложбите на Стејт департментот.

    „Врховниот суд на Република Северна Македонија како највисок суд во државата целосно ги поддржува и ги поздравува заложбите на Стејт департментот на САД кои се однесуваат на владеењето на правото и правната држава. Нотираните податоци и укажувања во Извештаите на Стејт департментот имаат суштинско правно значење за заштитата на независноста на судството и борбата против корупцијата. Во таа насока, а во врска со нотираната корупција, неопходно е приоритетно да се постапува во согласност со законите и институционалните надлежности што е клучно за интегритетот на судството, остварувањето на целите на правдата и јакнење на јавната доверба. Недозволиво е да се поткопуваат темелите на судската власт преку политички влијанија, притисоци и коруптивни дејствија “, смета Врховниот суд.

    Американската амбасадорка во Скопје Анџела Агелер денеска рече дека САД не ги доставуваат до македонските власти доказите за лицата ставени на црната листа, поради почитување на нивната приватност, но вели дека штом можеле тие да ги соберат доказите, можат и македонските власти.

    Апелационот судија Беџети го чуваше во фиока 9 месеци предметот „Тврдина-Таргет“ за Сашо Мијалков за полесно да застари и цели 3 години предметот „Транспортер“ за ексградоначалникот на Битола Владимир Талески, од истите причини.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира