Приведен е ексдиректорот на Елекстрани на Северна Македонија (ЕСМ), Васко Стефанов, кој е еден од осомничените за злоупотреби со јавни набавки на адитиви во компанијата, за што МВР и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денес спроведуваат голема акција. Од Министерството за внатрешни работи за државната агенција МИА потврдија дека Стефанов е приведен на граничниот премин Табановце.
Меѓу осомничените е и поранешниот директор на ЕСМ и РЕК „Битола“ Васко Ковачевски. За него денес премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека е надвор од земјата, но дека во текот на денот очекува да биде обезбеден. Според информации кои се објавуваат неофицијално во медиумите, Ковачевски е во Виена, Австрија, а Македонија ја напуштил уште во септември.
Меѓу осомничените за злоупотреба на јавни набавки со адитиви наменети за потребите на РЕК Битола и на ТЕЦ „Осломеј“, но и во ТЕЦ „Неготино“ се товарат и ексдиректорите на РЕК Битола Пеце Матевски и на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ. Според изјавата на премиерот, нанесената штета се проценува на 6,5 милиони евра.
Ж. ЗДРАВКОВСКА