Претставниците на германските бизниси и синдикати велат дека сириските мигранти ѝ се потребни на германската економија и треба да останат во земјата, откако претходно конзервативен политичар кажа дека тие треба да бидат испратени назад во Сирија бидејќи режимот е соборен.
„Не можеме без нив во многу области“, кажа Инго Вортман, претседателот на Асоцијацијата германски транспортни компании.
Околу 2.000 Сиријци работат во јавниот транспорт во Германија, вели тој, додавајќи дека без нив ќе се влоши недостигот на возачи на автобуси и возови низ германските градови.
Претставниците на германските бизниси се спротивставуваат на повикот на баварскиот политичар од ЦСУ Андреа Линхолц сириските работници да бидат вратени назад и да се стави крај на примањето нови.
„Ние се потпираме на добро интегрирани и квалификувани работници. Тие не треба да бидат депортирани“, вели претседателката на Асоцијацијата на семејни компании Мари-Кристин Остерман.
Марк Тенбиег, член на извршниот одбор на Германската асоцијација на мали и средни претпријатија, кажа дека на овие фирми многу ќе им недостасуваат работниците од Сирија.
„Средните компании не можат да функционираат без работници. Затоа, отфрламе избрзана одлука за можни репатријации во Сирија“, вели тој.
Слични ставови имаат и претставниците на синдикатите.
„Дали е во болниците, поштата, доставувачи или многу други професии. На многу места, луѓето кои избегаа од Сирија помагаат оваа земја да функционира“, вели лидерот на синдикатот Верди, Франк Вернеке.
Според бројките на министерството за внатрешни работи, околу 975 илјади Сиријци во моментов престојуваат во Германија.
Во понеделникот, Сојузната канцеларија за миграција и бегалци реши да ги запре одлуките по апликациите за азил за луѓе од Сирија, поради променетата состојба во земјата.
Исто така во понеделникот, Јенс Шпан, поранешен министер за здравство, кажа дека Германија сега треба да ангажира авиони да ги испрати назад Сиријците кои избегале од режимот на Башар ал-Асад, па дури и да им се понудат пари за се мотивираат да се вратат во Сирија.