ДА СЕ ОДЗЕМЕ ДИСКРЕЦИОНОТО ПРАВО НА ДИРЕКТОРИТЕ ВО ЗДРАВСТВОТО ДА ВРАБОТУВААТ КОГО САКААТ, ПРЕДЛАГА ГРАЃАНСКАТА ИНИЦИЈАТИВА „ЗАМИСЛИ“

    ДА СЕ ОДЗЕМЕ ДИСКРЕЦИОНОТО ПРАВО НА ДИРЕКТОРИТЕ ВО ЗДРАВСТВОТО ДА ВРАБОТУВААТ КОГО САКААТ, ПРЕДЛАГА ГРАЃАНСКАТА ИНИЦИЈАТИВА „ЗАМИСЛИ“Такво дискреционо овластување како што има директор во здравството нема ниту во една друга област во јавниот сектор, т. е. во образованието, културата, социјалната заштита. (Фото: К. Попов)

    Граѓанската сила „Замисли“ почна иницијатива за измени на Законот за здравствена заштита и воведување меритократија во процесот на вработување на лекари. Како што рекоа на денешниот брифинг Никола Димитров, претседател на Балканскиот центар за конструктивни политики „Солуција“ и Гоце Коцевски од Здружението на млади правници, само во здравствениот сектор сѐ уште директорот има дискреционо право на оглас да вработи кого тој ќе одбере од пријавените кандидати, а не најдобриот од ранг-листата.

    „Директорот на здравствена установа има одврзани раце кого ќе вработи и покрај мислењето од Комисијата, која самиот ја составува.  Ако сака може и последниот од ранг-листата да го вработи. Така, нашите најдобри студенти, ако немаат партиска поддршка, се селат и се вработуваат во Германија. Разговаравме со повеќе од илјада млади лекари, со доктори со долгогодишно искуство, со Македонското лекарско друштво и овие предлози ќе ги доставиме до Министерството за здравство“, рече Димитров.

    Коцевски кажа дека такво дискреционо овластување како што има директор во здравството нема ниту во една друга област во јавниот сектор, т. е. во образованието, културата, социјалната заштита. Во сите други области, има гаранција дека ќе се вработи најдобриот според ранг-листата.

    „Всушност, само треба Законот за здравствена заштита да се усогласи со Законот за вработување во јавниот сектор. Сите други области направиле усогласување, само здравството не. Ние со ‘Замисли’ предлагаме да одлучува не Комисија составена од директорот, туку Комисија составена од Стручниот колегиум на здравствената установа.  Во тој колегиум се началниците на сите одделенија и тоа се доктори со долгогодишно искуство“, рече Коцевски.

    Димитров додаде дека имал разговор со министерот за здравство Арбен Таравари, дека е задоволен од односот и дека „ни ја отвори официјалната врата со лицата кои работат на измените на Законот за здравствена заштита“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира