ОРЦЕ ДИМИТРОВ ПАК СЕ ДВИЖИ И МУ СЕ ВРАЌА ГОВОРОТ ОТКАКО ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО МУ ПЛАТИ ОПЕРАЦИЈА ВО СТРАНСТВО ПО 3,5 ГОДИНИ ОДБИВАЊЕ

    ОРЦЕ ДИМИТРОВ ПАК СЕ ДВИЖИ И МУ СЕ ВРАЌА ГОВОРОТ ОТКАКО ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО МУ ПЛАТИ ОПЕРАЦИЈА ВО СТРАНСТВО ПО 3,5 ГОДИНИ ОДБИВАЊЕОрце е опериран во Истанбул со методата „deep brain stimulation“, може повторно да се движи сам и му се враќа и говорот (Фото:СДК.МК)

    Орце Димитров од Кратово, кому уште од 2004 година (на негова 38-годишна возраст) му била констатирана Паркинсонова болест, конечно доби пари за операција и во болница во Истанбул неодамна му е вградено апаратче – стимулатор на мозокот.

    Три и пол години Димитров водеше тешка правна битка за да го убеди Фондот за здравство дека бара пари за лекување, за операција во странство, а не за дијагноза. Дијагнозата нему му беше утврдена на Универзитеттката клиника за неврологија, во ГОБ „8 Септември“, во болница во Љубљана и кај сè не. Сите невролози, како што пишуваше САКАМДАКАЖАМ.МК, препорачаа операција во странство за Орце за да може да продолжи да живее.

    Така пресудуваше и и Управниот суд, со две одлуки, но Фондот остана глув и тие пресуди не ги спроведуваше. Не само што трипати го одбиваше Орце за средства за операција во странство, туку и надлежните свесно гледаа како му се влошува здравствената состојба од ден на ден, се додека целосно престана да зборува и стана целосно неподвижен.

    Сега Орце Димитров повторно се движи. Полека му се врати и говорот. Тој и сопругата Убавка Димитрова велат дека се бескрајно благодарни на Македонското здружение на млади правници (МЗМП) во Скопје, без чии правни совети и деноноќна достапност и поддршка од секаков вид, велат, немаше никогаш да ја добијат битката со Фондот.

    „Ако не беа Андријана и Млади правници, немаше ништо да направам. Им благодарам од срце. Имам и порака до државата, до Фондот за здравство: Немојте вака како на мене што ми правевте. Дајте им шанса за живот на сите! Носете ги одлуките побрзо. Читајте правилно што пишуваат лекарите и Судот“, вели Орце.

    Го прашавме и како се разбираа со соработниците од Здружението кое над три години е со него и со семејството, со оглед на неговата слаба моторика и изгубениот говор.

    „На почетокот убаво се разбиравме. Потоа, додека ме маткаше Фондот за здравство и ме одбиваа за операција во странство, говорот ми се влошуваше, престанав да се движам, моториката ми ја снема, не можев ни да пишувам. Меѓутоа Андријана беше трпелива, понекогаш чекаше да се обидам да составам збор и по десетина минути“, раскажува Орце.

    Тој и сега на моменти има блокади во говорот и затоа му се одредува нова терапија, со оглед на тоа дека му е вграден стимулатор, т.е. „deep brain stimulation’’ (DBS). Оваа метода не се применува во нашата држава. Но, мора сега да лежи на Клиниката за неврологија, за да му се намали, односно да му се одреди нова терапија, согласно делувањето на вграденото апаратче до мозокот.

    „Правото на здравје е основно човеково право, но со бариери и предизвици во реалноста. Универзалната декларација за човекови права и Уставот на РСМ јасно ја нагласуваат важноста на правото на здравје како основно човеково право. Секое лице има право на пристап до највисок достапен стандард на здравје, што овозможува живот со достоинство. Здравствената заштита е загарантирана со Уставот на РСМ, а правото на граѓаните да го чуваат своето здравје е должност, а не само право. Но, дали ова право се почитува во пракса? За некои граѓани, како Орце Димитров од Кратово, правото да се лекува во странство поради неможност оваа болест да се лекува во Македонија премина во правна и институционална битка што траеше повеќе од три години“, вели Андријана Марковска од МЗМП.

    Согласно Законот за здравствено осигурување секој има право да се лекува, вклучувајќи и лекување во странство ако е во прашање заболување кое не може да се лекува во Републиката.

    Во 2021 година, Орце поднел барање до Фондот за здравствено осигурување за лекување во странство, со медицинска документација и Предлог за упатување за лекување во странство од Универзитетска клиника за неврологија да се лекува со метода deep brain stimulation. Фондот го оздбива барањето со образложение дека Орце со предлогот се испраќа во странство на дијагностичка процедура, наведувајќи дека оваа процедура не спаѓа во трошоци кои ги покрива Фондот.

    Орце се обрати до Македонското здружение на млади правници за правна помош и од тогаш почнува институционалната битка за да може да го оствари правото да се лекува во странство. Постапката продолжили со поднесување жалба, а потоа и тужба до Управен суд на РСМ, кој донесе позитивна пресуда и го врати предметот на потворно одлучување со конкретни насоки. Повторената постапка повторно заврши со идентичен исход, односно со негативно решение идентично на претходното. Надлежните органи ниту одлучиија во законски предвидените рокови и рокот наведен во пресудата, ниту ги почитуваа упатствата и насоките дадени од страна на Управниот суд во пресудата.

    Повторно се поднесе тужба до Управниот суд на РСМ, кој повторно донесе позитивна пресуда ги поништи решенијата и го задолжи директорот на Фондот за здравствено осигурување на РСМ во рок од 15 дена да донесе нов управен акт. Во пресудата судот утврдил и дека надлежните органи повторно не постапиле согласно напатсвијата дадени во претходната пресуда.

    Во меѓувреме дијагностичката процедура да не биде пречка за одлучување по барањето Орце замина во Универзитетскиот центар во Љубљана каде на свој трошок ја направи таа процедура при што се утврди дека Орце е подобен да се лекува со deep brain stimulation.

    Овој доказ беше доставен до Фондот за да го има во предвид при повторното одлучување.

    Овој пат Фондот и по трети пат донесе негативно решение со тоа што сега образложението е дека Предлогот за упатување за лекување во странство е со измината важност и не може да се донесе решение по него.

    „Интересен беше фактот што во претходните две негативни решенија што ги донесе Фондот предлогот за упатување на лекување во странство и не беше ценет како доказ дека е предлог за лекување, туку дека е прдлог за дјагностичка процедура. Откако Орце ја направи дијагностичката процедура, Фондот реши во последното негативно решение да го цени Предлогот за лекување во странство но и дека истиот е со измината важност. Со ваквото постапување од страна на Фондот кој после три години правна битка и после две позитивни пресуди од страна на Управниот суд на РСМ, Орце беше ставен во нечовечки услови за живеење имајќи во предвид дека неговата здравствена состојаба постојано се влошуваше и прогресираше до степен да биде и во инвалидска количка и да не може самостојно да ги задоволува основните животни потреби“, вели Марковска.

    Орце повторно направил и доставил нов предлог за лекување во странство за да може да продолжи со постапката и надлежните органи да одлучат по неговото барање.

    „Овој случај ја илустрира неефикасноста и долготрајноста на процедурите за остварување права од здравствената заштита за лекување во странство, без да се има во предвид здравствената состојба на лицето. Во овој случај може да се воочат и неефикасноста на механизмите за правна заштита. Непочитувањето на наскоите од Управниот суд, што го констатира и самиот суд во пресудите, е спротивно на Законот за управните спорови, но и начелата на законитост, еднаквост, непристрасност и објетивност, сервисна ориентација на јавните органи и економичност и ефиасност на постапата, регулирани со Законот за општата управна постапка“, вели соговорничката.

    Таа смета дека овој случај ја нагласува потребата од реформи во здравствениот и правниот систем за да се обезбеди правичен и навремен пристап до здравствена заштита, особено за лица со сериозни здравствени состојби. Важно е, вели, да се овозможи правото на лекување во странство да не се одложува со години, а системот да функционира поефикасно за да ги заштити основните човекови права на сите граѓани.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     


    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира