Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице за кривичните дела Убиство и Убиство во обид во врска со убиството кај скопскиот трговски центар „Мавровка“ на 20 август. Обвинението е и за кривичното дело Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи.
Според соопштението на Скопското обвинителство, обвинетиот го убил Васил Ефтимов, а потоа од неговата сопруга одзел торба и гајба.
„Обвинетиот, на 20 август, позади трговскиот центар ‘Мавровка’ во Скопје, од користољубие, со истрел од огнено оружје – пиштол, го лишил од живот оштетениот Васил Ефтимов, по што со пиштолот се заканил и на неговата сопруга и ја одзел од неа торбата која таа ја носела на нејзиното рамо и една гајба во различни бои покриена со шаторско крило во која имало различен рачен алат, а која оштетените ја имале во возилото“, велат од обвинителството.
Од Скопското обвинителство велат дека потоа обвинетиот во автомобил со белгиски регистарски ознаки избегал кон Гази Баба.
„Подоцна во текот на истиот ден, кога полициски службеници го пресретнале обвинетиот заедно со уште едно лице во автомобил на улицата ‘Стојна Стефкова’ во Скопје, тој излегол од совозачката врата и кон четворицата полицајци испукал 3 проектили во обид да ги лиши од живот. Полицајците во самоодбрана испукале неколку предупредувачки проектили во воздух со службеното оружје, и успеале обвинетиот да го совладаат, по што тој го фрлил пиштолот и бил уапсен. Обвинетиот ќе одговара и за недозволено поседување на оружјето со кое го извршил делото – полуавтоматски пиштол марка ‘ГЛОК 17’, без фабрички број, калибар 9мм, кој го поседувал без дозвола“, вели обвинителството.
Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот.