ОБВИНЕНИЕ ЗА ПРАТЕНИКОТ ОД ВМРО-ДПМНЕ ПЕЦЕ МИЛЕВСКИ ОД БИТОЛА, КАКО ДИРЕКТОР ИСПЛАЌАЛ ДОПОЛНИТЕЛНО ПАРИ ЗА УСПЕШНОСТ НА ВРАБOТЕНИ, А „ВОДОВОД“ РАБОТЕЛО СО ЗАГУБИ

    ОБВИНЕНИЕ ЗА ПРАТЕНИКОТ ОД ВМРО-ДПМНЕ ПЕЦЕ МИЛЕВСКИ ОД БИТОЛА, КАКО ДИРЕКТОР ИСПЛАЌАЛ ДОПОЛНИТЕЛНО ПАРИ ЗА УСПЕШНОСТ НА ВРАБOТЕНИ, А „ВОДОВОД“ РАБОТЕЛО СО ЗАГУБИСредствата им се исплаќале заради извршување на дополнителни работни задачи од повисоко работно место за кое дел не ги исполнувале ниту условите од правилникот за систематизација, вели Обвинителството. (Фото: Фејсбук)

    Основното јавно обвинителство (ОЈО) од Битола поднесе обвинение против Пеце Милевски, поранешниот директор на битолското Јавно претпријатие „Водовод“,  а сегашен пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, за злоупотреба на службената положба. Обвиненитето е поднесено до надлежниот суд за периодот кога тој бил в. д. директор на претпријатието, за продолжено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

    „Обвинетиот, во 2022 и 2023 година како в. д. директор на јавно претпријатие, ги пречекорил границите на своите службени овластувања и во повеќе наврати на шест различни лица вработени во претпријатието без правен основ им исплаќал дополнителни средства за работна успешност и покрај тоа што претпријатието во континуитет работело со загуби. Средствата им се исплаќале заради извршување на дополнителни работни задачи од повисоко работно место за кое дел не ги исполнувале ниту условите од правилникот за систематизација“, се вели во соопштението на Обвинителството.

    Според ОЈО, вкупниот износ на исплати што ги одобрил и со кои предизвикал штета на јавното претпријатие изнесува 577.640 денари (околу 9.500 евра), што било констатирано и со наодите од Конечниот извештај за извршена ревизија во претпријатието за 2022 година на Државниот завод за ревизија (ДЗР).

    Во Ревизорскиот извештај, пишува дека на дел од вработените, кои со наредба-овластување од директорот вршеле и други работни задачи им се исплаќало работна успешност до 30 отсто, со донесување на решение од директорот, без примена на критериуми, што не е во согласност со член 83 од Колективниот договор на „Водовод“ со кој е предвидено исплатата на работна успешност да се врши месечно врз основа на утврдени критериуми.

    Милевски за САКАМ ДА КАЖАМ.МК не негира дека одредени вработени се исплаќале за успешност, но посочува дека имал законско право по Колективен договор член 83 и Правилник за плата на ЈП „Водовод“ каде што јасно е утврдено дека работникот може да оствари плата за работна успешност.

    „Во ЈП ‘Водовод’ пракса било во минатото, па и моите предходници исто така исплаќале додаток по закон и Колективен договор, односно плата на работна успешност, за што сметам дека е наследен проблем поради неможноста за унапредување и вработување на соодветен кадар. Во текот на 2022 година, тоа е утврдено и во ревизорски извештај каде што се нотира дека нема прекршувања на закон и Колективен договор, но се дава препорака да се изготвуваат и решенија што и е преземено во меѓувреме“, вели Милевски.

    Тој додава дека сигурен е само оти право и правда во оваа држава мора да има и дека не сторил никакво прекршување на законот, ниту злоупотреби на службената должност и овластувања.

    Против Милевски во изминатите години беа поднесени неколку кривични пријави. Во декември 2023, полицијата му поднесе кривична пријава за злоупотреба на службата и несовесно работење зашто не го обезбедил резервоарот со вода, па се случија големи загуби на питка вода. Претходно беше осомничен дека реализирал три службени патувања во странство со службено возило, а со лица кои не биле вработени во претпријатието и дека примил фактура од овластен сервис за поправка на службеното возило, иако било каско осигурано. Милевски тогаш изјави дека обвинувањата се неосновани и дека целиот случај имал политичка позадина.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира