Едно дете е убиено во напад со нож во основно училиште во Загреб, а повредени се четири лица, од кои три деца и еден возрасен. Полицијата кажа дека нападот го извршил 19-годишник, кој притоа и самиот си нанел повреди.
Хрватското министерство за здравство потврди дека во нападот се ранети шест лица, од кои едно седумгодишно дете починало. Никој од повредените не е во животна опасност.
„Денеска околу 9:50 часот, 19-годишен хрватски државјанин повреди учителка и неколку ученици со остар предмет во образовна установа на подрачјето на Пречко. Напаѓачот е под надзор на полицијата“, објави загрепската полиција.
Министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ кажа дека напаѓачот живеел близу училиштето и порано се лекувал поради психички проблеми.
„Пред една година бил хоспитализиран по обид за самоубиство. Тој и денеска се обиде да си го одземе животот“, кажа Божиновиќ, додавајќи дека нападот не се случил во една училница, туку во ходниците на школото.