ВОДАТА ВО СКОПЈЕ Е БЕЗБЕДНА ЗА ПИЕЊЕ, ПОКАЖАА ЛАБОРАТОРИСКИТЕ ИСПИТУВАЊА ПО ВЧЕРАШНИОТ ЗАФАТ И ИСКЛУЧУВАЊЕ НА ГЛАВНАТА ЦЕВКА

    ВОДАТА ВО СКОПЈЕ Е БЕЗБЕДНА ЗА ПИЕЊЕ, ПОКАЖАА ЛАБОРАТОРИСКИТЕ ИСПИТУВАЊА ПО ВЧЕРАШНИОТ ЗАФАТ И ИСКЛУЧУВАЊЕ НА ГЛАВНАТА ЦЕВКАПримероци за испитување се земени од девет клучни места и тоа во Автокоманда, Сингелиќ, Маџари, Ново Лисиче, Центар, Драчево, Пржино, Ѓорче Петров и Карпош. (Фото: Град Скопје)

    Водата во Скопје е безбедна за пиење, покажаа лабораториските испитувања откако вчера речеси цел ден градот немаше вода поради зафатот за модернизација на мрежата. Утрово секторот за санитарна контрола на ЈП „Водовод и канализација“ изврши вонреден мониторинг на системот.

    Како што објави на нејзиниот фејсбук профил градоначалничката Данела Арсовска, мониторингот опфатил девет клучни места и тоа во Автокоманда, Сингелиќ, Маџари, Ново Лисиче, Центар, Драчево, Пржино, Ѓорче Петров и Карпош, од каде што биле земени примероци од водата за пиење врз кои било изведено физичко-хемиско и микробиолошко лабораториско тестирање.

    „Покрај теренските мерења на рутинските параметри, тестирање беше изведено со стандардни методи и јонска хроматографија за физичко-хемиска анализа, како и со полимераза верижна реакција метод за микробиолошка анализа. Од добиените резултати, сите примероци физичко-хемиски и микробиолошки одговараат на Правилникот за барање за безбедност и квалитет на водата за пиење,  со што се потврдува дека водата од водоснабдителниот систем на Град Скопје е санитарно исправна и истата може непречено да се користи“, напиша Арсовска.

    На вчерашниот зафат од рано наутро работеа 160 луѓе од јавното претпријатие, се интервенираше на четири локации и работите беа завршени околу пладне. До вечерта, сите населени места во Скопје добија вода.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира