ИЛОН МАСК ВО КОЛУМНА ЗА „ВЕЛТ“ ПАК ГИ ПОВИКА ГЕРМАНЦИТЕ ДА ГЛАСААТ ЗА ЕКСТРЕМНО ДЕСНАТА АФД

    ИЛОН МАСК ВО КОЛУМНА ЗА „ВЕЛТ“ ПАК ГИ ПОВИКА ГЕРМАНЦИТЕ ДА ГЛАСААТ ЗА ЕКСТРЕМНО ДЕСНАТА АФД„Алтернативата за Германија е последната искра на надеж за оваа земја“, пишува Маск во гостинската колумна за неделното издание на весникот „Велт“. (Фото: ДПА)

    Американскиот милијардер Илон Маск повторно ги повика Германците да гласаат за екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) на претстојните избори.

    „Алтернативата за Германија е последната искра на надеж за оваа земја“, пишува Маск во гостинската колумна за неделното издание на весникот „Велт“. Маск минатата недела само накратко коментираше за онлајн сервисот Х, кој го поседува: „Само АфД може да ја спаси Германија“.

    Во својата колумна Маск објаснува дека верува оти АфД ќе ги заземе вистинските позиции за прашањата за економското закрепнување, снабдувањето со енергија и контролата на миграцијата. Тој, исто така, рече дека ја смета АфД за посветена на, како што рече, „политичкиот реализам“. Тој пишува дека „прикажувањето на АфД како крајна десница е јасно лажно ако се земе предвид дека Алис Вајдел, лидерката на партијата, има истополова партнерка од Шри Ланка! Дали тоа ви звучи како Хитлер?“

    Германската домашна разузнавачка служба, Канцеларијата за заштита на Уставот, ја следи АфД како осомничена десничарска екстремистичка организација.

    Јан Филип Бургард, идниот главен уредник на „Велт груп“, се спротивстави на изјавите на милијардерот во весникот.

    „Дијагнозата на Маск е точна, но неговиот пристап кон терапијата, дека само АфД може да ја спаси Германија, е фатално погрешен“, напиша тој.

    Двата текста – на Маск и на Бургард – се ставени директно еден до друг во печатениот весник.

    Текстот на Маск предизвика проблеми во уредничкиот тим на весникот. Уредничката за колумни на весникот објави на X дека „поднела оставка по лекторирањето“ како последица на текстот на Маск. Други новинари на „Велт“, исто така, јавно го објавија своето незадоволство на X. Извештаите во медиумите сугерираат дека објавувањето на гостинската колумна на Маск предизвика жестока полемика во уредничкиот тим уште пред Бадник.

    Издавачот на „Велт“ Аксел Шпрингер, даде заедничка изјава за агенцијата ДПА од Улф Пошарт, актуелниот главен уредник на „Велт груп“, и неговиот наследник Бургард.

    „Актуелната дискусија за текстот на Илон Маск е многу поучна“, се вели во соопштението. „Демократијата и новинарството напредуваат од слободата на изразување“.

    Маск важи за близок советник на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп. Технолошкиот милијардер, кој како шеф на „Тесла“ е еден од најголемите работодавци во германската покраина Бранденбург во околината на Берлин, исто така се меша во британската политика, ветувајќи ја својата поддршка на десничарската популистичка британска партија „Реформ ОК“.

    Пред федералните избори во Германија што треба да се одржат на 23 февруари, АфД е на второто место во анкетите со околу 19 отсто, зад конзервативната ЦДУ/ЦСУ со повеќе од 30 отсто. Сите партии во моментов застапени во Бундестагот отфрлија каква било соработка со АфД.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира