Одржување избори во Сирија би можело да има дури по четири години, изјави де факто лидерот на Сирија Ахмед ал Шара во интервју за „Ал Арабија“, што е првпат да коментира за можниот распоред за избори откако Башар ал Асад беше соборен овој месец. Подготвувањето на новиот Устав може да потрае до три години, рече Шара во делови од интервјуто со саудиската државна телевизија. Тој рече и дека ќе биде потребна околу една година за Сиријците да видат драстични промени.
Шара ја предводи групата Хајат Тахрир ал-Шам (ХТШ) која го собори Башар ал Асад на 8 декември, ставајќи крај на децениското владеење на семејството Асад и 13-годишната граѓанска војна. Тој рече дека ХТШ ќе биде распуштена на конференција за национален дијалог.
За надворешните врски, Шара рече дека Сирија има стратешки интереси со Русија. Русија има воени бази во Сирија, беше близок сојузник на Асад за време на долгата граѓанска војна и му даде азил на Асад. Шара претходно овој месец рече дека односите на Сирија со Русија треба да им служат на заедничките интереси.
Шара рече и дека се надева оти администрацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ќе ги укине санкциите за Сирија. Високи американски дипломати кои го посетија Дамаск овој месец рекоа дека Шара се смета за прагматичен и дека Вашингтон одлучил да ја отстрани наградата од 10 милиони долари за фаќање на лидерот на ХТШ.