Американскиот милијардер Илон Маск денеска беше критикуван од германските политичари од владата и опозицијата за колумната што го напиша за поддршка на десничарската Алтернатива за Германија (АфД), и сметаат дека тоа е „натрапничко“ надворешно влијание. Поддршката на АфД од Маск, кој во администрацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ќе бие надворешен советник, е во време кога Германија распиша избори за 23 февруари откако пропадна коалициската влада предводена од канцеларот Олаф Шолц.
Колумната објавена на германски во весникот „Велт“, главен во медиумската група Аксел Шпрингер, се надврза на минатонеделната објава на Маск на платформата Х во која тој напиша „само АфД може да ја спаси Германија“ и го пофали пристапот на партијата за законодовство, даноци и дерегулација на пазарот. Како одговор на објавувањето на неговата колумна, уредничката на рубриката во весникот на Х објави дека таа поднела оставка.
Фридрих Мерц, лидер на опозициските демохристијани и актуелен фаворит за наследник на Шолц како канцелар, во интервју рече: „Не можам да се сетам на споредлив случај на мешање, во историјата на западните демократии, во изборната кампања на пријателска земја“. Мерц го смета коментарот за „наметлив и претенциозен“.
Саскија Ескен, колидерка на Социјалдемократите (СПД) на Шолц, вети жесток отпор на обидите на државни актери, како и на богатите и влијателните да влијаат на изборите во Германија.
„Во светот на Илон Маск, демократијата и работничките права се пречка за поголем профит“, изјави Ескен. „Ние кажуваме сосема јасно: нашата демократија е одбранлива и не може да се купи“.
Назначениот главен уредник на „Велт“ ја бранеше одлуката за објавување на колумната, велејќи дека демократијата и новинарството напредуваат со слободата на мислењето, вклучувајќи ги и поларизирачките позиции.
АфД е на второто место во анкетите и можеби ќе успее да го спречи централно-десничарското или левичарското мнозинство. Германските мејнстрим, поцентристички партии ветија дека ќе одбијат каква било поддршка од АфД на национално ниво.