Петмина луѓе починаа, а еден полицаец е сериозно повреден во Германија во инциденти поврзани со пиротехнички средства кои масовно се користат низ земјата во новогодишната ноќ, објави полицијата.
„Најмалку 13 припадници на полицијата се повредени во несреќи оваа година, од кои еден сериозно. Во Берлин се приведени околу 330 луѓе, но спротивно на изминатите години, сега немаше големи насилства и инциденти“, изјави портпаролот на германската полиција Флоријан Нат.
Дваесет и четиригодишник загинал близу Падерборн откако детонирал ракета, што самиот ја направил, а 45-годишен маж починал во Саксонија во експлозија на „пиротехничка бомба“. Дваесетгодишен маж загинал близу Хамбург кога палел пиротехника.
Германците ја прославуваат новата година со особено интензивна употреба на огномети и постојано се води дебата за забрана на најмоќните пиротехнички средства, со оглед на големиот број повреди секоја година, како и загадувањето и бучавата што тие ги предизвикуваат.