ДО КРАЈОТ НА ГОДИНАВА САЛАТА „РАБОТНИЧКИ“ ВО СКОПЈЕ ЌЕ БИДЕ КОМПЛЕТНО РЕНОВИРАНА

    ДО КРАЈОТ НА ГОДИНАВА САЛАТА „РАБОТНИЧКИ“ ВО СКОПЈЕ ЌЕ БИДЕ КОМПЛЕТНО РЕНОВИРАНАНаместо досегашните бетонски клупи ќе се постави 891 седиште. (Фото: Општина Центар)

    Општина Центар почна со реконструкција на спортската сала „Работнички“ во Градски парк. Се очекува салата да биде комплетно завршена до крајот на годинава и пуштена во употреба. Минатата недела се демонтираше кровот и почна да се поставуваат нов кров и нова фасада.

    „Реконструкцијата се одвива според предвидената динамика. Во првата фаза, до март, планираме да поставиме нови кров и фасада, како и комплетно реновирање на канцелариските простории каде што беа сместени спортските федерации. Новитет е тоа што ќе го прошириме теренот, ќе се постават нова еластична подлога и подно греење, а целиот простор ќе се климатизира. Ќе бидат поставени и нови инсталации за електрична енергија, современо осветлување и водовод. Наместо досегашните бетонски клупи ќе ставиме 891 седиште“, вели градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

    Салата ќе биде реконструирана според највисоки стандарди за квалитет и согласно стандардите и процедурите на ФИБА. Ќе биде енергетски ефикасна, со што значително ќе се намалат трошоците за енергија.

    „Го враќаме сјајот на Работнички. Покрај реконструкцијата на гледалиштето, предвидени се и обновување на туш кабините и поставување нова опрема, кошови и друга потребна инфраструктура“, вели Герасимовски.

    Салата „Работнички“ е изградена пред 50 години.

    Парите за реконструкција се обезбедени од Владата. Во 2023, Владата преку Агенција за млади и спорт додели пола милион евра за првата фаза од проектот. Општина Центар пред два месеца аплицираше на повикот на новата Влада за помош на општините, при што доби дополнителни 1.5 милиони евра за реализација на втората фаза од проектот.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира