„Вашингтон пост“ отпушти околу 100 вработени во бизнис одделот, што е најнов показател за финансиските проблеми на весникот, откако претплатниците и вработените се револтираа поради одлуката на сопственикот Џеф Безос да ја блокира поддршката за кандидатурата на потпретседателката Камала Харис на изборите.
Отпуштањата се приближно 4% од персоналот на весникот и не влијаат на редакцијата, рече портпаролот на „Пост“. Веста е во време кога весник го напуштија неколку новинари од висок профил во последниве недели, а главните кандидати се повлекоа од трката за функцијата главен уредник на „Вашингтон пост“.
„’Вашингтон пост’ ја продолжува својата трансформација за да ги задоволи потребите на индустријата, да изгради поодржлива иднина и да допре до публиката каде што е“, изјави портпаролот на „Пост“ за „Си-Ен-Ен“. „Промените во нашите деловни функции се заради нашата поголема цел за најдобро позиционирање на ‘Пост’ во иднина“.
Помалку од две недели пред изборите во ноември, Безос, милијардерот основач на „Амазон“ кој го купи „Пост“ во 2013 за 250 милиони долари, ја блокираше поддршката на весникот на Харис, кршејќи ја повеќедецениската традиција и резултирајќи со оставка на тројца вработени во уредничкиот колегиум. Во тоа време, Безос го бранеше потегот, истакнувајќи во авторски текст во октомври дека „поддршката за претседателските кандидати не прави ништо за да се влијае на изборите“. Безос подоцна рече дека „тоа беше вистинската одлука“, додавајќи дека е „горд“ на изборот.
Иако Безос не е единствениот милијардер сопственик на медиум кој блокираше поддршка за претседателски кандидат за време на изборниот циклус во 2024 година, финансиите на „Пост“ настрадаа од овој потег. Во деновите откако Безос ја блокираше поддршката, над 250.000 читатели на „Пост“ ја откажаа претплатата, приближно 10% од дигиталните претплатници на весникот.
Во декември во 2024, Безос објави дека Амазон ќе донира 1 милион долари во фондот за инаугурација на Трамп и ќе даде придонес од 1 милион долари во натура. Безос, исто така, ја опиша реизборната победа на Трамп како „извонредно политичко враќање“ и вечераше со него во неговата резиденција на Флорида.