Агенцијата за патна инфраструктура на Бугарија има делумна вина за трагичната несреќа на автобусот на „Беса транс“ на автопатот Струма во 2021 година, во која загинаа 45 македонски државјани, одлучи Окружниот суд во градот Перник.
Главната вина е лоцирана кај возачот, кој исто така загина. Се наведува и дека возачот го возел автобусот со 106 километри на час, што е максималната брзина на делницата. Делумно виновниот експресен пат е долг 120 километри.
Според судот, Агенцијата е одговорна за 10% од настанатата штета и таа треба на секој од тужителите да му плати по 20.000 лева, односно по 10.000 евра за нематеријална штета. Исто така, се признаваат околностите дека за предметната делница не е донесен акт 16 за автопат и затоа има статус на експресен пат, смета судот.
„При проектирањето на експресниот пат не биле испочитувани геометриските карактеристики. Проектираниот попречен наклон на кривината одговара на брзина од 90 километри на час, но нема поставено патна ознака Б26/90 километри на потребните места за ограничување на брзината“, се наведува во образложението на пресудата.
Несреќата на автопатот Струма се случи нешто рано утрото на 23 ноември 2021 година, кај селото Боснек. Туристичкиот автобус во кој се наоѓаа 52 лица, удри во заштитната ограда на патот, се запали и целосно изгоре. Автобусот, сопственост на компанијата „Беса транс“ од Македонија, се враќал од Истанбул кон Скопје. Истрагата за несреќата ја водеше Националната истражна служба. Првичните заклучоци беа дека виновен е возачот на автобусот кој возел со голема брзина.
На 20 јануари 2022 година пред Окружниот суд Перник беше покрената граѓанска постапка за обезбедување докази во врска со инцидентот. Беа побарани стручни проценки во однос на состојбата на делот од патот, вклучувајќи ги патните ознаки, заштитните огради и сообраќајните знаци.
Во август 2022 година роднините на настраданите поднеле барање за обештетување од 750 илјади евра против АПИ и Бугарската асоцијација на осигурување возила. Тезата на адвокатите на роднините на жртвите е дека во моментот на несреќата имало голем број технички неисправности на коловозот, погрешни ознаки и знаци, неквалитетни заштитни огради и асфалт, што влијаело на несреќата.
Во автобуската несреќа загинаа 45 лица, а седуммина беа повредени. Автобусот беше дел од групата од четири автобуси на „Беса транс“ кои се враќаа од организирано патување во Истанбул.
Но, на 12 декември, пред околу еден месец, Апелациониот суд Скопје ја укина првостепената пресуда за сопственикот на превозникот „Беса Транс“, чиј што автобус изгоре во Бугарија и предметот е вратен на повторно судење. Беким Хаџиу беше неправосилно осуден на една година и осум месеци казна затвор за кривичното дело Фалсификување на исправа.
При изрекување на пресудата на 7 март, судијата Ивица Стефановски кажа дека обвинетиот Беким Хаџиу е виновен затоа што како управител на „Беса Транс“ во повеќе наврати употребил како вистинска лажна јавна исправа, извод од лиценца за вршење на јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај, која што воопшто не била издадена од страна на Министерство за транспорт и врски за тој автобус.
Дополнително, судот го казни Хаџиу со парична казна од 800.000 денари, а фирмата ја казни со забрана за вршење меѓународен превоз во рок од четири години.
Судењето ќе почне одново.
С. К. ДЕЛЕВСКА