Два огромни шумски пожара кои му се закануваат на Лос Анџелес од исток и од запад и натаму се вон контрола два дена откако избувнаа, но пожарникарите успеале да го скротат помалиот пожар кој гореше на ридовите над булеварот Холивуд.
Пожарот Палисадс, кој беснее меѓу градовите Санта Моника и Малибу и пожарот Истон кај Пасадена се веќе најразорните во историјата на Лос Анџелес, зафаќајќи подрачје од над 117 квадратни километри. Досега е потврдено дека загинале петмина луѓе, а над 1.300 згради се уништени. Наредена е евакуација на 180.000 луѓе, а уште 200.000 луѓе се под предупредување за евакуација.
„Ветровите во и околу Лос Анџелес се од историска природа и тие се клучен фактор што пожарите станаа толку лоши. Во комбинација со екстремната суша, тие создадоа совршена бура. Ветровите денеска малку се смирија, што овозможи значителен прогрес во борбата против огнот во Холивуд и Студио Сити. Попладнево е укината наредбата за евакуација за Холивуд“, изјави градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас.
Властите кажаа дека знаменитости како знакот Холивуд, Кинескиот театар и Патеката на славните веќе не се загрозени.
Предупредување за висок ризик од пожари во окрузите Лос Анџелес и Вентура останува на сила и утре, додека влажноста ќе се задржи на 10-20%. Се очекува брзината на ветровите да биде 64 километри на час.
„Поради недостиг на вода, некои хидранти пресушија во Пасифис Палисадс. Го доведовме системот до крајни граници. Против шумски пожари се бориме со урбани водоводни системи“, изјави шефицата на пожарникарскиот оддел на Лос Анџелес, Џанис Кинонес.