ЧЛЕНКИТЕ НА НАТО ЌЕ ПРИФАТАТ ДА СЕ ЗГОЛЕМАТ ТРОШОЦИТЕ ЗА ОДБРАНАТА, НО НЕМА ДА ГО ПОДДРЖАТ БАРАЊЕТО НА ТРАМП ЗА 5% ОД БДП

    ЧЛЕНКИТЕ НА НАТО ЌЕ ПРИФАТАТ ДА СЕ ЗГОЛЕМАТ ТРОШОЦИТЕ ЗА ОДБРАНАТА, НО НЕМА ДА ГО ПОДДРЖАТ БАРАЊЕТО НА ТРАМП ЗА 5% ОД БДП

    НАТО нема да го поддржи предлогот на Доналд Трамп за масивно зголемување на трошењето за одбраната, но веројатно ќе се согласи да оди над сегашната цел, велат официјални лица и аналитичари.

    Трамп пред неколку дена кажа дека членките на НАТО би требале да ги зголемат трошоците за одбраната од сегашните 2% на 5% од својот бруто домашен производ, што моментално не го исполнуваат ни самите САД.

    Функционери од земји-членки на НАТО сметаат дека трошоците за одбраната треба да се зголемат, но не се согласуваат со предлогот од 5%, што би било политички и економски невозможно за речиси сите членки. Тоа би барало дополнителни средства од стотици милијарди долари.

    Сепак, се очекува на самитот на НАТО во Хаг во јуни да биде договорена нова финансиска цел, поттикнато од стравувањата дека Русија во блиска иднина би можела да нападне членка на НАТО. Некои сметаат дека 32-те членки ќе се согласат со 3% од БДП, но нејасно е дали тоа ќе го задоволи Трамп. Целта од 2% беше утврдена пред десет години и по толку време, некои држави и натаму ја немаат исполнето.

    „Се чини дека ќе има промена. Не верувам дека ќе бидат 5%, што моментално би било невозможно за речиси сите држави. Нема да биде ни 2%, што веќе е проблем за некои држави, но ќе биде над тоа“, изјави италијанскиот министер за одбрана Гвидо Кресето.

    Од членките на НАТО, Полска лани потрошила најмногу за одбраната – 4,12% од БДП, следена од Естонија со 3,43% и САД со 3,38%.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира