ЗАПРЕ ПРОТОКОТ НА ГАС ОД АЗЕРБЕЈЏАН ЗА СРБИЈА, РЕЧЕ ВУЧИЌ

    ЗАПРЕ ПРОТОКОТ НА ГАС ОД АЗЕРБЕЈЏАН ЗА СРБИЈА, РЕЧЕ ВУЧИЌ„Ова значи дека од денеска ќе почнеме да ги трошиме резервите на гас“, рече Вучиќ, додавајќи дека се надева оти за месец или два ќе продолжи протокот на гас. (Фото: Танјуг)

    Протокот на гас од Азербејџан кон Србија е запрен и не се знае кога ќе продолжи, објави српската новинска агенција Танјуг, цитирајќи од српскиот претседател Александар Вучиќ.

    „Добив информации од нашите браќа и пријатели од Азербејџан дека поради виша сила и проблеми што ги имаат, од денес не можеме да сметаме на 1,7 милиони кубни метри гас што доаѓа секој ден“, изјави Вучиќ и рече дека не се знае кога ќе продолжи протокот на гас. „Ова значи дека од денеска ќе почнеме да ги трошиме резервите на гас“, рече Вучиќ, додавајќи дека се надева оти за месец или два ќе продолжи протокот на гас.

    Во 2023, Србија, која користи повеќе од 3 милијарди кубни метри гас годишно, потпиша договор со Азербејџан за купување 400 милиони кубни метри природен гас годишно од 2024. Остатокот од гасот доаѓа од Русија. Србија, која има за цел да влезе во Европската унија, е под притисок да ја намали зависноста од Русија за гас и нафта.

    По новите санкции на САД врз рускиот нафтен сектор, рускиот „Газпром Нефт“ ќе добие 45 дена да излезе од сопственоста на српската нафтена компанија НИС, која е меѓу најголемите придонесувачи во буџетот на Србија. НИС е во мнозинска сопственост на „Гаспром Нефт“ кој поседува 50% од акциите, и рускиот „Газпром“ кој поседува 6,15% од акциите. Српската влада има 29,87 отсто, а останатиот дел отпаѓа на малите акционери.

    Бугарија, исто така, претходно оваа недела рече дека Азербејџан го прекина договореното снабдување со гас од 7 јануари до 11 јануари поради неодредени технички причини.

    Прекинот дојде кога единицата на БП во Азербејџан вчера соопшти дека ја прекинала работата на платформата Шах Дениз Алфа откако открила технички проблем на подморската линија за извоз на гасен кондензат.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира