ОСЛОБОДИТЕЛНА ПРЕСУДА ЗА ЈАНКУЛОВСКА ЗА УНИШТУВАЊЕ ОПРЕМА ЗА ПРИСЛУШУВАЊЕ, ИЗБЕГАНИТЕ ГРУЈЕВСКИ И БОШКОВСКИ ДОБИЈА ВКУПНО 24 ГОДИНИ ЗАТВОР

    ОСЛОБОДИТЕЛНА ПРЕСУДА ЗА ЈАНКУЛОВСКА ЗА УНИШТУВАЊЕ ОПРЕМА ЗА ПРИСЛУШУВАЊЕ, ИЗБЕГАНИТЕ ГРУЈЕВСКИ И БОШКОВСКИ ДОБИЈА ВКУПНО 24 ГОДИНИ ЗАТВОРСудијата Илија Трпков при изрекување на пресудата кажа дека обвинителството не докажало надвор од разумно сомневање дека таа го сторила делото за кое се обвинува. (архивска фотографија)

    Основниот кривичен суд денеска донесе ослободителна пресуда за поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска во предметот „Тврдина“. Станува збор за остаток од големиот предмет „Тврдина-Таргет“ за масовното незаконско прислушување, од кој што многу кривични дела застареа по измените на Кривичниот законик минатата година.

    Од предметот остана делот со уништување опрема за прислушување и фалсификување исправа во врска со уништувањето. Судијата Илија Трпков при изрекување на пресудата кажа дека обвинителството не докажало надвор од разумно сомневање дека таа го сторила делото за кое се обвинува.

    Затворски казни добија поранешните разузнавачи од УБК, Горан Грујевски и Никола Бошкоски, кои во 2017 година избегаа во Грција и таму добија азил. Грујевски е осуден на 14 години и 6 месеци затвор, а Бошковски на 9 години и 10 месеци. Тони Јакимовски, шеф на кабинетот на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, е осуден на три години затвор.

    Судењето за предметот „Тврдина-Таргет“ почна во 2017 година, а првата првостепена пресуда беше во 2021 година, но веќе следната година, Апелациониот суд Скопје го врати предметот на повторено судење.

    Мијалков првично беше осуден на 12 години затвор, но во меѓувреме му застаре делото.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира