Преговарачите ќе се сретнат во Доха за да ги утврдат деталите од план за крај на војната во Газа, што следува откако Џо Бајден навести дека наскоро треба да се постигне договор за прекин на огнот и за ослободување на заложниците. Израел и Хамас вчера ја добија финалната нацрт-верзија на договорот откако бил постигнат напредок во преговорите, на кои присуствувале и претставници на Бајден и Доналд Трамп.
Палестински извори кажаа дека договорот би требало да биде објавен денеска, ако сè помине добро. Во склучувањето на договорот учествуваат и директорот на Мосад, Давид Барнеа, катарскиот премиер Мохамед бин Абдулрахман Ал-Тани и специјалните претставници на Бајден и Трамп за Блиски Исток, Брет Мекгарк и Стив Виткоф. Еден палестински функционер изјави дека Израел и Хамас вчера имале шестчасовни индиректни разговори во иста зграда, за првпат од почетокот на војната на 7 октомври 2023.
„Со договорот ќе бидат ослободени заложниците, ќе запрат борбите, ќе се обезбеди сигурноста на Израел и ќе се овозможи достава на значајна хуманитарна помош за Палестинците“, кажа Бајден.
Државниот секретар на САД Ентони Блинкен изјави дека топката е префрлена кај Хамас. Тој денеска треба да претстави повоен план за Газа.
„Постигнат е напредок во преговорите за некои клучни прашања и работиме на тоа да се заклучи она што преостана“, кажа функционер на Хамас.
Израел кажа дека во првата фаза, која ќе трае 60 дена, треба да бидат ослободени 33 од 98-те заложници останати во Газа. Се верува дека 34 од нив се веќе мртви. За возврат, Израел ќе ослободи илјада палестински затвореници.
Од почетокот на војната во Газа загинаа повеќе од 46.000 луѓе, а најголем дел од населението е раселено.