Украинскиот претседател Володимир Зеленски пристигна во посета на Полска откако двете држави постигнаа договор за едно од најспорните прашања во меѓусебните односи: ексхумацијата на полските жртви на масакри од Втората светска војна извршени од украински националисти. Посетата доаѓа неколку дена откако полскиот премиер Доналд Туск објави дека е направен напредок за да се започне со ископувањата.
„Конечно напредок. Донесена е одлука за првите ексхумации на полските жртви на Украинската востаничка армија“, напиша Туск на Икс во петокот.
Невладината организација Фондација за слобода и демократија кажа дека ископувањата ќе почнат во април.
Иако Полска е еден од најблиските сојузници на Украина од почетокот на руската агресија, многумина Полјаци чувствуваат горчина поради илјадниците полски жртви закопани во масовни гробници во Украина цели осум децении.
Ова прашање датира од 1943-1944, кога украинските националисти убиле околу 100.000 Полјаци во Волинија и други региони кои тогаш биле во источна Полска под нацистичка окупација, а денес се дел од Украина. Цели села биле запалени, а жителите убиени од страна на националистите и нивните помагачи кои барале формирање на независна украинска држава. Полска го смета ова за геноцид и бараше од Украина да дозволи да се ексхумираат жртвите за да бидат соодветно погребани.
Се проценува дека во одмазднички акции биле убиени околу 15.000 Украинци.
Ова прашање е чувствително во Украина зашто некои од националистите од Втората светска војна се сметаат за национални херои поради нивната борба за украинската државност.