Основното јавно обвинителство поднесе обвинение за ексдиректорот на ЈКП „Гази Баба – 2007“ Влатко Митовски за кривично дело – Проневера во службата од член 354 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Митовски се товари дека во периодот од 01.01.2021 до 31.12.2021 година, вработил лица за чистење, за што биле плаќани од општинскиот буџет, а тие не чистеле ниту биле во земјава.
„Обвинетиот како в.д. директор на ЈКП „Гази Баба – 2007“, со намера за друг да прибави противправна имотна корист присвоил пари доверени во службата. По претходна одлука на Управниот одбор на јавното претпријатие за ангажирање невработени лица за вршење јавни работи за потребите на Општина Гази Баба, обвинетиот склучил договори со седум лица. Договорите биле заведени под ист деловоден број и имале потпис само од обвинетиот. Притоа, иако за нив водел евидентни листови кои обвинетиот лично ги потпишувал, наводно ангажираните привремени работници не работеле во ЈКП „Гази Баба – 2007“, а на одредени датуми за кои примале хонорар всушност се наоѓале надвор од границите на државата. За тоа време тие биле уредно водени дека ги извршуваат ангажманите за кои склучиле договори и им се исплаќал паричен надоместок, кој во вкупен износ за сите седум лица достигнал 880.516 денари“, велат од Обвинителството.
Обвинителството бара до Судот на обвинетиот да му бидат определени мерки на претпазливост забрана за напуштање на живеалиште, обврска повремено да се јавува кај службено лице и привремено одземање на патната исправа.