Испуштањето на големи количини на вода од Охридското езеро го исуши охридското крајбрежје. Плажите на источниот дел се проширија за десеттина метри поради повлекувањето на водата. Брегот е проширен и на други делови, пред сѐ пред хотелот „Милениум палас”.
Од обиколката на источното Охридско крајбрежје може да се види дека плажата во близина на хотелот „Гранит” е проширена поради повлекувањето на водата. Трските сега се наоѓаат на суво што создава морничава слика кај оние што лани лето тука се капеа. Слична е состојбата и пред автокампот Елешец. Се споија плажата и трските кои минатото лето ги делеше десетина метри водена површина. На ова место забележливо е дека некој земал песок, најверојатно за изградба на некој објект.
Водата е драстично повлечена и во близината на познатата охридска плажа „Атлантик”. Вакви морничави слики има се до пред влезот на туристичката населба Пештани.
Поради нискиот водостој, независно до покачувањето на температурите, денес забележавме и делови на Езерото кои се замрзнати. Мраз се појави во близината на мостот на Студенчишта.
Познат охридскиот биолог вели дека треба време да се стабилизира нивото на Езерото, со напомена дека допрва ќе се почувствуваат негативните последици што повлекувањето на водата го остави врз живот свет во крајбрежниот дел.
Д. ЧУБРИЌ