Уште на 8 октомври, пред повеќе од три месеци, Врховниот суд им овозможи на сите граѓани, здрави, но и хронично болни, астматичари, болни од рак и на сите невладини организации, да поднесат тужби против државата за загадениот воздух, но во Управниот суд досега нема пристигнато тужба.
„По извршените проверки во АКМИС системот, ве известуваме дека по донесување на Начелниот став на Врховниот суд од 08.10.2024 година до овој момент, во Управниот суд не се заведени тужби во врска со загадениот воздух“, одговори за САКАМДАКАЖАМ.МК Управниот суд, кај што може да се тужи државата за загадениот воздух што го дишат граѓаните секоја зима.
Со недели Македонија, пред сè Скопје, е на врвот во светот на листите на најзагадени градови, а граѓаните масовно се жалат на тешки здравствени проблеми.
Начелниот став на Врховниот суд донесен во октомври вели дека граѓанинот нема да мора во тужбата да го напише виновникот за загадувањето на воздухот, водата, почвата каде што живее, туку за тужена странка ќе биде адресирана Република Северна Македонија.
Задача на Управниот суд потоа е да го најде виновникот. На пример, ако надлежна институција не поставила мерни единици кај Ректорат, Гази Баба, Ново Лисиче, Тетово, Кавадарци и на други загадени места, Управниот суд ќе ја лоцира одговорноста и ќе ја задолжи таа институција, или поединци, да постават мерни апарати.
Ако општината или државата не донела акционен план за спречување на загадувањето, што е обврска со закон, граѓанин може да ја тужи државата пред Управниот суд и тој да утврди вина и да ѝ наложи на државата (институцијата) да донесе таков план и да го спроведе.
Така, отсега граѓаните ќе може да тужат и за неправење, нечинење, за пасивност и мрза и за незаинтересираност на надлежните органи и институции кои треба да се борат со загадувањето.
Со добиените тужби пред Управниот суд, граѓаните, болни лица, родители на болни деца, потоа може да поднесат кривични пријави или да одат во граѓанска постапка да бараат правда и отштета.
Државата, согласно националната и меѓународната правна регулатива, е должна да обезбеди здрава животна средина, а со непреземањето дејствија од надлежните јавни органи се повредува уставно загарантираното право на здрава животна средина и граѓаните може да ја тужат, се вели во Начелниот став за правото на здрава животна средина и загадувањето на воздухот што денеска го утврди Врховниот суд на општа седница.
„Согласно националната и меѓународна правна регулатива, државата е должна да обезбеди здрава животна средина, меѓу кои и правото на чист воздух, како поединечно право на граѓаните, кои како странка во управна постапка, можат да бараат да се задолжат надлежните органи, да ги донесат Основните плански документи, од член 23 од Закон за квалитет на амбиенталниот воздух, како Општи акти“, се наведува во Начелниот став.
С. К. ДЕЛЕВСКА
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА И ОВАА ОБЈАВА ОД ПРЕД 8 ГОДИНИ:
СЛЕДЕТЕ ГО И НАШИОТ ЈУТЈУБ КАНАЛ