СО ПАРИ ОД ЕУ ВО ТЕТОВО ОТВОРЕНА НОВА ГРАДИНКА ЗА 165 ДЕЦА

    СО ПАРИ ОД ЕУ ВО ТЕТОВО ОТВОРЕНА НОВА ГРАДИНКА ЗА 165 ДЕЦАВо изградбата и опремувањето на градинката учествуваше Европската Унија со околу 705.000 евра. (Фото: СДК.МК)

    Тетово доби нова градинка во која ќе можат да престојуваат 165 деца. Ваков објект градот добива после повеќе години, бидејќи капацитетот на постојните градинки не беше доволен да ги згрижи сите деца од предшколска возраст. Изградбата на градинката „Рилиндја“ е финансирана преку Годишната акциска програма „Поддршка на ЕУ за образование, вработување и социјална политика“ за 2017, со вкупен буџет од околу 805.000 евра и со кофинансирање од државата од националниот буџет од околу 100.000 евра. Во изградбата и опремувањето на градинката учествуваше Европската Унија со околу 705.000 евра.

    На денешното отворање на градинката покрај министерот за труд и социјална работа Фатмир Лимани и градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами, присуствуваше и евроамбасадорот Михалис Рокас.

    „Инвестицијата во градинката во Тетово го симболизира приоритетот што сите им го даваме на новите генерации. Тие што ќе ја обликуваат иднината на Северна Македонија и на ЕУ. Заедно, сите ние се стремиме кон образовни и социјални политики кои ќе ги зајакнат Европејците со потребното знаење и вештини со соодветни услуги за социјална поддршка. Сè започнува од градинките“, рече евроамбасадорот Рокас.

    Градинката се градеше неколку години, а и откако беа завршени градежните работи и беше целосно опремена, речиси една година стоеше неотворена бидејќи воспитачките и негувателките кои требаа да работат во градинката не можеа да добијат сертификати за работа.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира