Државниот градежен инспекторат извршил инспекциски надзор над работата на градежните инспектори во Општина Охрид и утврдил дека не издавале решенија за уривање на дивоградбите во Студенчишко Блато, заштитено како природно наследство во Охридскиот Регион. Овие забелешки за непостапувањето на општинските инспектори, Државниот градежен инспекторат ги доставил до Министерството за транспорт и врски и до градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.
По текстовите на САКАМДАКАЖАМ.МК дека во Студенчишко Блато цела година непречено на диво се градат згради и никој не постапува, во контола излегле државните инспектори. При увидот за водени предмети од овластени градежни инспектори на Општина Охрид, утврдено е дека од нивна страна се оформени 6 шест предмети за дивоградби во Студенчишко Блато, но не се целосно извршени работите кои на инспекторите им се доделени со Закон за градење и не се преземени сите инспекциските мерки, односно не се донесени решенија за уривање на дивоградбите.
САКАМДАКАЖАМ.МК на 4 декември 2024 години објави текст дека во Студенчишко Блато цела година непречено на диво се градат дивоградби. Во септември 2023, по серија иницијативи за инспекциски надзор, наместо да бидат отстранети, двете дивоградби се завршени, со основа за понатамошен урбан развој. Во јули 2024, пет дивоградби се завршени, две се во изградба, со основа за понатамошна урбанизација.
Од Еколошкото здружение на граѓани Фронт 21/42, кое го поднесе случајот и на платформата Пријави корупција на САКАМДАКАЖАМ.МК, велат дека корупција и организиран криминал го уништува заштитеното светско природно и културно наследство во Охридскиот Регион.
„Фронт 21/42 работи на зачувување на Охридскиот Регион полни десет години и немаме никакво сомневање дека единственото светско природно и културно наследство во земјава е жртва на невладеење на правото. Нашиот последен случај многу точно го илустрира уништувањето на вредностите благодарение на неспроведувањето и кршењето на законите токму од страна на институциите чија основна должност е истите да ги спроведуваат. Минатата година увидовме незаконски градежни активности на територијата на Студенчишко Блато, додека за истото важеше, и сѐ уште важи, Решение за привремена заштита“, велат од Фронт 21/42.
Оттаму испратиле инцијативи за инспекциски надзор до Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) и до Општинскиот градежен инспектор, кои прераснале во шестмесечна комуникација со сите релевантни иснпекциски служби – ДИЖС, Инспекциски совет, Државен управен инспекторат, Државен градежен инспекторат и локални инспектори при Општина Охрид.
Од здружението велат дека земјиштето на кое се развива овој незаконски урбан комплекс е приватизирано противзаконски, како градежно земјиште во државна сопственост, додека во реалноста сѐ уште е земјоделско земјиште.
За случајот со дивоградбите и незаконски приватизираните парцели во Студенчишко Блато од Фронт 21/42 се поднесени пријави до Основното јавно обвинителство за организиран криминал, Државната комисија за спречување на корупција, кривични пријави против поединечни лица и известување до Инспекцискиот совет, но реакција нема.
А. АНТЕВСКА