Дете кое месецов наполнило 15 години било запрено од полицијата додека возело кола во која имало оружје, во Волково вечерта на 23 јануари. Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против неговиот 55-годишен татко, осомничен за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи од член 396 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, соопшти Обвинителството.
„Истрагата е поведена бидејќи осомничениот во неговиот автомобил ‘ауди А8’ неовластено држел огнено оружје и муниција – два пиштоли, едниот со калибар 7,65мм, а другиот со калибар 9мм со по четири куршуми за секој од нив. Во автомобилот бил пронајден уште еден пиштол за кој осомничениот имал дозвола за поседување со осум куршуми и уште два сигнални пиштоли. Оружјето било пронајдено во автомобилот што го управувал малолетниот син на осомничениот“, вели Обвинителството.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерки на претпазливост за осомничениот татко – забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, обврска повремено да се јавува кај определено службено лице, одземање на патната исправа, одземање на возачката дозвола, но и забрана за неговиот малолетен син, други малолетни лица или други неовластени лица да имаат пристап во просторија или во домот каде што има огнено оружје.