Општинската организација на Сојузот на борците од НОБ од Тетово остро реагира и го предупредува градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами дека со најавената промена на имињата на улиците и отстранувањето на имињата на борците НОБ и антифашистичката војна, лесно може да ја отвори пандорината кутија и да дојде до меѓу национална нетрпеливост.
Градоначалникот Касами пред неколку месеци најави дека е формирана комисија која треба да им даде имиња на поголем број улици во Тетово, кои сега се водат под бројка, но и промена на имиња на улици кои се уште од времето на Југославија. Борците од Тетово, но и граѓаните од македонска националност велат дека на листата ќе се најдат имиња на Албанци кои учествувале во конфликтот од 2001 година како и имиња кои немаат никаква поврзаност со Македонија и Тетово.
„Почитуван Билал Касами, како градоначалник на Општината, вие по Устав, закон и здрав разум, сте градоначалник во служба на сите граѓани кои живеат во општината за која сте добиле чест и доверба да ја предводите. Определувањето на имињата на улиците не е инструмент со кој можете политички да профитирате, туку е отворање на пандорината кутија од која може да излезат големи непријатности за сите. Вашата најава за промена на постоечките и определување на нови имиња дека одлучува Советот на Општината и дека верувате во политички консензус, а притоа велите дека доколку владејачката ВМРО-ДПМНЕ или која било друга македонска партија одлучи да не биде дел од процесот значи дека истите се согласиле сите улици во градот да бидат именувани според албански личности. Дополнително, додавате дека за предметната одлука воопшто не е потребно Бадентерово мнозинство. Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти во ч. 4, стр. 2 експлицитно пропишува дека Одлуката за определување на име на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект на подрачјето на општината ја носи Советот со мнозинство гласови, при што мора да има мнозинство гласови од присутните членови на Советот кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во општината“, се вели во соопштението испратено од Сојузот на борците од Тетово до градоначалникот Касами.
Комисијата за промена на имињата на улиците сè уште не излегла официјално да ги претстави кои улици ќе бидат преименувани и кои имиња ќе добијат, но меѓу граѓаните на Тетово постои загриженост дека при изгласувањето на промената на имињата нема да се почитува Бадентеровиот принцип и дека советниците од македонска националност ќе бидат надгласани во Советот.
„Сојузот на борци во оваа прилика јавно апелира до членовите на Советот на Општина Тетово навреме, јавно да излезат со свој став против какво било преименување на улиците кои носат имиња на национални дејци од антифашистичкото минато на македонскиот народ и народностите, меѓувековните борби за државност, како и на нашите сојузници од антифашистичката коалиција, како и против какво било именување на улици и инфраструктурни објекти со имиња на личности, настани и датуми кои слават фашистичка, терористичка, милитаристичка или радикална личност, односно група“, додаваат од Сојузот на борците од Тетово.
Во 2007 година беше направена првата промена на имињата на улиците во Тетово. Тогаш името на градскиот плоштад и главната сообраќајница, кои го носена името Маршал Тито беа променети во плоштад и булевар Илирија, улицата ЈНА во Дервиш Цара, улицата 29 Ноември во Мехмет паша Дерала, а нови имиња добија и повеќе други улици. Но, оваа промена сè уште не е званично одобрена од надлежните државни органи, па сега кога Општината испраќа соопштенија ги користи новите имиња на улиците, но во офоцијалните документи како што се лична карта, пасош, возачка дозвола и други документи уште стојат старите имиња на улиците.
З. АНДОНОВ