Мермерна статуа на жена за која се верува дека е стара повеќе од 2.000 години е пронајдена оставена во ќеса за ѓубре во близина на Солун, соопшти полицијата. Еден жител ја открил статуата без глава и долга 80 сантиметри покрај корпата за отпадоци во Неи Епиватес, близу Солун, им ја предал на локалните власти, кои контактирале со археолозите за да ѝ го проценат значењето.
Полицијата соопшти дека експертите, по првичната проценка, утврдиле дека делото датира од хеленистичката ера, период приближно помеѓу 320 и 30 п.н.е. што беше обележано со процут на уметноста и културата по освојувањата на Александар Македонски. Статуата е испратена на дополнително испитување од археолозите. На крајот ќе биде предадена на локалната управа за антиквитети, за конзервација и проучување.
Полицијата отвори истрага за да утврди кој ја фрлил статуата и накратко приведе маж на испрашување, кој подоцна беше ослободен без обвинение. Случајните археолошки откритија се релативно чести во Грција, земја позната по своето античко наследство, и се чести при изградба на згради или јавни работи. Во декември, работниците што поставуваа цевководи за природен гас во близина на Атина открија статуа на Хермес од римската ера закопана исправено во јама обложена со тули во близина на Акропол.
Солун пред неколку недели ја откри ризницата со антиквитети пронајдени за време на повеќедецениската изградба на неговиот метро систем, кој официјално беше отворен во ноември. Клучните наоди, меѓу кои и римска патека поплочена со мермер и десетици илјади артефакти кои го опфаќаат грчкиот, византискиот и отоманскиот период, сега се изложени на станиците на метрото.