Тетово минатата година го доби приматот град со најзагаден воздух во светот, a Тетовскиот суд отфрлил 30 пријави против загадувачи кои ги кршеле општинските мерки. Со над 340 денови загадување на воздухот над дозволената граница и со денови кога загаденоста беша за петнаесетина па и дваесет пати над дозволеното, Тетово убедливо ги надминува и големите светските метрополи како Пекинг, Њу Делхи, Лос Ангелес… Оваа зима Тетово го загуби приматот на град со најзагаден воздух, но сѐ уште добро се држи и е таму некаде при самиот врв.
Законската регулатива вели дека дневно загаденоста со супституирани ПМ10 чeстички не смее да ја премине границата од 50 микрограми на метар кубен. Во Тетово количината на ПМ10 чeстичките на моменти достигнуваше вредност од 800 па и 1000 микрометри на метар кубен.
Ако 5 денови по ред загаденоста на воздухот со ПМ10 честички ја надмине границата од 50 микрограма на метар кубен, тогаш Општината има законска обврска да прогласи вонредна состојба. Општина Тетово досега ниту еднаш не реагирала.
Минатата година, Советот на Oпштина Тетово донесе одлука за за забрана на на дотур на стока во градот со камиони, од 7 часот наутро до 7 часот навечер, како и одлука за прскање на улиците со калциум магнезиум ацетат со цел да се намали загадувањето на воздухот. Оваа зима Oпштината не превзеде вакви акции.
„Имавме изготвено 30 пријави против лица што вршеле дотур на стока во периодот кога тоа беше забрането, но сите пријави ни паднаа на суд. Иако оваа одлука сѐ уште е на сила, беспредметно е да ја спроведуваме кога повторно ќе падне на суд. Исто така, нашите искуства од минатата година покажаа дека прскањето со калциум магнезиум ацетат не даде никакви резултати па затоа оваа година не го спроведовме, а и да сакавме не ќе можевме да го направиме тоа од снегот“, вели Томислав Јоргушевски инспектор по екологија во Општина Тетово.
При една ваква енормно висока загаденост, прашање е кој го загадува тетовскиот воздух и колку го загадува. Тетовци веднаш ќе ви ги посочат главните загадувачи, а тоа се индустријата со акцент на „Југохром“, домаќинствата односно печките на дрва и енормниот сообраќај во градот, урбанизацијата, а се посочува и на дивата депонија на влезот во градот. Но од нив кој колку загадува тоа никој не може со точност да каже.
Долго време се зборуваше дека „Југохром“ со своите печки е главниот загадувач на воздухот во градот. Од ноември месец минатата година, со одлука на Државниот инспекторат за екологија, топилница на феролегури престана да работи бидејќи не се успеа во законскиот рок да се постават филтрите за отпрашување на воздухот. Но воздухот во Тетово и натаму е загаден. Од Здружението „Еко герила“ од Тетово и покрај ова велат дека „Југохром“ не смее да продолжи да работи без да се постават филтрите, бидејќи така е голем загадувач на воздухот.
„Просечната вредност на загадувањето на воздухот во Тетово од 2012 до 2015 изнесуваше 140-150 микро грами на метар кубен ПМ10 честички, а во 2016 кога ‘Југохром’ не работеше четири месеци просечната загаденост падна на 97 микрограми. Од ова јасно се гледа дека без ‘Југохром’ воздухот е помалку загаден. Ние не сме против работниците на ‘Југохром’ туку бараме да се почитува законот па кога во фабриката ќе се постават филтрите таа тогаш може да продолжи со работата“, вели Аријанид Џафери од “Еко герила“. Според ова Здружение, „Југохром“ дневно испуштал и по 30 тони прашина во воздухот, а кога би се поставиле филтрите би испуштал само 800 килограми дневно.
Дека „Југохром“ е еден од големите загадувачи се наведува и во студиите изработени од Министерството за екологија, каде стои дека “во ’Југохром’ треба да се спроведат мерки за намалување на емисиите што е можно поскоро“. Наспроти ова се работниците на „Југохром“ кои велат дека фабриката бесправно е затворена бидејќи, како што мислат тие, таа не е главниот загадувач на воздухот во Тетово.
Но освен „Југохром“, големо внимание треба да им се обрати и на неколку други помали индустриски објекти во градот кои исто така се потенцијални загадувачи на воздухот. Нивната контрола е под надлежност на Инспекторатот за животна средина на Општина Тетово.
„Во Тетово има само 4 индустриски објекти за кои е потребна Б еколошка дозвола но тие, според капацитетот, немаат големо влијание врз кавлитетот на воздухот. Ние ги контролираме и помалите субјекти па така во ноември и декември имаме направено над 40 контроли на автосервисите. Пред три години ние ги задолживме да склучат договори со овластени фирми за собирање на отпадното масло кое пред овој период се гореше во печки и беше еден енормен загадувач на воздухот. Сега, над 80 отсто од отпадното масло безбедно се одстранува и не се користи за горење. Досега сме имале над 100 пријави од граѓани за објекти кои вршат загадување на воздухот. Во сите овие случаи сме интервенирале со редовни и вонредни контроли и воедно ги задолжуваме да изготват елаборат за заштита на животната средина“, вели инспекторот Јоргушевски.
К. СЕЈФУЛА