Во Велес започна промената на уличното осветлување, проект кој треба да ги замени сите улични светилки во општината. Треба да се променат со нови 4.695 светилки, кои се лед, зрачат бела светлост, и се енергетско ефикасни.
„Започнуваме проект кој ќе реши еден од најгорливите проблеми, осветлувањето во Општина Велес. За три-четири месеци треба да заврши замената на сите светилки во градот и селата. Се променуваат светилки од 40, 45, 55 и 85 вати. Ќе се постават и 92 ормари, кои ќе бидат надвор од трансформаторите, тоа е и законска обврска. Така полесно ќе се контролира системот за осветлување. Со новите светилки очекуваме заштеда од 75 отсто на киловати. Дали сметките ќе се намалуват зависи од берзанската цена на струјата, која варира. Ќе се осветлуваат и парковите, новите рекреативни центри што ги изградивме. Пред некој ден светна и паркот пред Спомен-Костурницата“, рече градоначалникот Марко Колев.
На промената на светилките работат две до три екипи на Телеком. Се работи етапно, прво главните градски улици, па споредните во градот се до периферните, потоа осветлувањето по селата. Проектот финансиски е покриен целосно од средства од општинскиот буџет.
„Вредноста на промената е 90 милиони денари (околу 1,45 милиони евра), заедно со ДДВ, со договорот склучен со Телеком. Плаќањето е на 36 рати, три години, по 2,5 милиони денари (40.000 евра) месечно. Светилките се од производител ‘Шредер’, висок квалитет“, рече Колев.
Фирмата „Шредер“ од која се набавени светилките е од Белград, Србија. Велес уште во 2007 за првпат инсталираше нивни светилки на 47 столба.
„Се врши замена на старите натриумови светилки со нови паметни светилки, кои може да се управуваат далечински. Имаат век на траење преку 100 илјади работни часови, дологотрајни се. Имаат одличен спектар на бои кои ги проектираат со 4.000 келвини. Вградуваме опрема, со која далечински ќе се управуваат за интензитетот на осветлувањето. Лицата задолжени за управувањето со осветлувањето, ќе може секој момент да добиваат информации, каква е состојбата, каква е потрошувачката на струјата, каде се потребни евентуално интервенции. Целокупниот проект за општината ќе значи намалување на потрошувачката на електрична енергија за улично осветлување, заштита на животната средина, полесно управување со системот бидејќи далечински ќе се работи со него, нема потреба да се испраќаат екипи да работат на остранување на дефект. Бенефит има и за граѓаните, значително подобрување на осветлувањето на улиците. Мерењата на првата улица на која ги променивме светилките, АСНОМ, покажаа има 50 отсто подобро осветлување на коловозите и тротоарите“, рече Марјан Богатиновски, комерцијален директор за деловни корисници на Телеком.
Оваа компанија го доби јавниот повик на Општина Велес во третиот обид, откако локалната власт двата јавни повици сама ги стопираше, барајќи начин да се добие најдобра можна понуда. Власта смета дека токму оваа на Телеком, нуди најдобри услови и за плаќање и технолошко за одржување на мрежата улично осветлување.
На прашањето, колку новиот времен сообраќај низ градот ќе влијае на извршувањето на промената на светилките и нивната работа, Богатиновски кажа дека се во координација со СВР Велес и локалната власт и дека ќе се трудат да нема дополнително оптоварување на сообраќајот и животот во градот.
Со промената на уличните светилки, ќе се врши промена и на 50-тина канделабри, кои се искривени, накоесни, оштетени. Ќе се осветли и Мало Мовче, чии светилки се искршени, а инсталацијата е украдена.
Градоначалникот Колев навести дека е потребна промена на електричната инсталација за уличното осветлување, која била во лоша состојба оти не била променета 20-тина години. Објасни дека старите светилки понудил да се отстапат, донираат на соседните општини, а доколку не ги прифатат, за нив одлука треба да донесе Советот на Општината. Последната промена на уличното осветлување во Велес и општината се случи во 2013, кога за таа цел локалната власт се задолжи кај Светска банка.
П. ПЕЧКОВ