Најмалку 40 луѓе загинаа во стампедо на големиот хиндуистички фестивал Маха Кумб Мела во северна Индија, но се стравува дека бројот би можел да биде поголем. Несреќата се случи откако десетици милиони верници се собраа за да учествуваат во ритуалот на нурнување во водата на устието на најсветата индиска река Ганг со реките Јамун и Сарсвати.
Стампедото се случило набргу по полноќ по локално време кога некои од аџиите се обиделе да ги прескокнат полициските бариери поставени за да се контролира толпата за време на светото капење, кажа премиерот на сојузната држава Утар Прадеш, Јоги Адитјанат.
„Ситуацијата беше под контрола, но толпата беше преголема“, додаде тој.
Фотографии и видеа од местото на несреќата покажуваат тела на носилки и луѓе како плачат седнати на земја, додека наоколу се расфрлани облека, обувки, ранци и ќебиња.
Маха Кумб Мела е најголемиот собир на луѓе на светот, привлекувајќи околу 400 милиони луѓе за период од шест недели. До вторникот, на годинашниот фестивал дошле 200 милиони луѓе. Верниците веруваат дека капењето во реката ќе им ги исчисти гревовите и ќе им помогне да најдат спасение. Денешниот ден се смета за најважниот за капењето.